Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека иако епидемијата спласнува, граѓаните да останат внимателни.
Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, кои вчера беа прифатени од Главниот координативен Ковид-19 кризен штаб на Владата. Тие треба да важат од денеска. Владината прес-служба соопшти дека Штабот ги разгледал и потврдил препораките на Комисијата и ги предлага на конечно усвојување на денешната Владина седница.