Денеска од печат излезе дебитантскиот роман „Денот на црвот“ од Симона Јованоска, како 195 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ, со што продолжува поддршката и издавањето на квалитетни македонски автори од страна на оваа скопска издавачка куќа.
Писателката и новинарка Јагода Михајловска Георгиева за романот напиша:
„Денот на црвот е роман што од ред во ред, од страница во страница постојано изненадува. Од почеток до крај без застој и без празен од. Почетокот на романот е сосема неочекуван. Навестува дека делото е можна „басна“ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но, тоа е итра замка што ја откриваме во продолжение. Приказната на спомнатите два лика, понатаму низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род. Од нашето совремие. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска, се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата. „Денот на црвот“ изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и безмалку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина, му овозможува на нејзиното дело висок дострел“.
***
Симона Јованоска е родена 1985 година во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“. Во 2019 година добива второ место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“. „Денот на црвот“ е нејзин прв роман.