Уметнички занает на интарзија на коска и седеф во дрво

Сподели

 

Уметничкиот занает на интарзија на коска и седеф во дрво на овие простори има долга и богата традиција. Врз основа на малиот број сочувани интарзирани предмети, овој уметнички занает можеме да го следиме од првата половина на XVI век, па се до крајот на XX век.
 
 
 
 
Натписот од архиерејски престол во црквата Св. Климент во Охрид изработен од мајсторите Јован и Марко во 1528 г., укажува на првите познати мајстори интарзисти. Веќе во втората половина на XVI век интраназијата бележи значителен развој на поширока територија на Македонија, и главно се одразува во опремата на црковниот мебел и другите култни предмети во православните цркви кои се декорираат со интарзија.
 
 
 
 
Во втората половина на XVII век опаѓа интензитетот на производство на коскена интарзија, што одговара на општата ситуација во уметничкото творење во тоа време. Се намалува изработката на интарзиран црковен мебел и други култни предмети, на сметка на изработка на утилитарни предмети изработени во нови матријали за украсување на предметите од дрво, како што е седефот и коската од желка, а преовладува маркетаријата.
 
 
 
 
Овој занает егзистирал до крајот на XX век и го негувале градските занаетчии, воглавно Турци во познатите центри во Охрид, Битола и Скопје. Најчесто биле интарзирани предмети кои имале практична примена и служеле за украсување на домовите, или биле наменети за лична употреба, како: постаменти за кандила и вазни, троножни масички на кои стоеле пепелници и тутун, сандачиња за ковенџии, ковчежиња/чекмеџиња за чување накит и други драгоцености, бастуми, чибуци, лулиња, табакери, лично оружје и др. Инкрустрацијата на седеф (кој бил морски, речен или езерски) редовно се преплетува со втиснување на сребрена, месингана или бакарна жица во дрвото, која служела како дополнување на богатата орнаментика.
 
 
 
 
Последно семејство, воедно и најпознато во Македонија кое се занимавало со овој извонреден уметнички занает е турското смејство Неби од Охрид.