Река од тркачи низ скопските улици на HalkEco Скопје Трча 10КМ

Сподели

 

 

 

Денес се одржа традиционалната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ, на која учество земаа околу 1000 тркачи. Оваа трка, како единствена градска брза трка, е мотивација на сите учесници, кои го даваат максимумот од себе, да продолжат со тренирање, вежбање и одржување на здрави навики. 

 

 

 

Трката започна и заврши на булевар Илинден, пред фонтаната Лотос, а патеката по која се трчаше беше по булеварот Илинден и дел од булеварот Партизански Одреди.

 

 

 

Победник во машката категорија на овогодинешната десеткилометарска трка е Дарио Ивановски, со истрчано време од 29:58, на второто место се најде Леонид Вандевски, со време од 32:55, а третото место му припадна на Атанас Анчевски, со време на трчање од 33:19. Од женските прва беше Адријана Поп Арсова, со 35:07 минути, второто место го зеде Биљана Кираџиева со 38:40 минути и на третото место заврши Милјана Ристиќ со 39:58 минути.

 

 

„Горди сме, што по една година пауза, успеавме да ја организираме оваа прекрасна градска трка и покрај сите препораки и мерки, кои моравме да ги почитуваме, сè со цел да ги заштитиме нашите учесници, но и да се заштитиме самите себеси. Скопје Трча 10КМ, како трка која се одржува од 2017 година, успева да ги сплоти најдобрите тркачи и љубители на спортот. Сите натпреварувачи кои учествуваа на овогодинешната трка се спортисти во одлична форма, кои вежбаат со месеци,“ истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

„Навистина е голема радоста што повторно имавме можност да организираме спортски настан низ скопските улици, со сигурност можам да кажам дека навистина недостасуваа спортски настани, а тоа го докажаа и учесниците на денешната трка. Прекрасен и возбудлив беше моментот кога околу 1000 тркачи ја започнаа трката. Многу ни е драго што позитивната енергија и спортскиот дух, се прошири низ цело Скопје. Уште со првата организирана трка на Скопје Трча 10КМ, знаевме дека оваа трка има потенцијал да прерасне во традиција, а со денешниот настан, може да заклучиме дека сме на добар пат да го постигнеме тоа,“ истакна Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопскиот маратон.

Трката беше организирана според безбедносни протоколи и препораки утврдени од Владата и Комисијата за заразни болести, со цел заштита на учесниците и организаторите.

Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, заедно со Атлетскиот Клуб „Работнички“ од Скопје и насловениот спонзор HalkBank, а генерален покровител на трката е Агенцијата за Млади и Спорт на Р. С. Македонија. Оваа трка е дел од календарот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и Европската Атлетска Асоцијација (ЕАА).