РСБСП: Во 2020 година – 125 лица загинале во сообраќајни незгоди

Сподели

 

Сообраќајните незгоди се сериозен општествен проблем на сите современи општества вклучително и на Република Северна Македонија. Динамиката на живеење и  континуираниот раст на бројот на возачи и бројот на возила придонесува за раст на бројот на  загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди на светско ниво.

Според статистиката на СЗО годишно на светско ниво околу 1,3 милиони лица  го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони  се повредени во сообраќајни незгоди.

Состојби со безбедноста на патниот сообраќај во РСМ за периодот 2010-2020.                       

  (2013 – Најмногу жртви  на патиштата,  а 2020 година најмалку)

 

 

Согласно наведеното може да се заклучи  дека  безбедноста на сообраќајот на  патиштата  во Северна Македонија бележи тренд на подобрување.

Ако се земе во предвид фактот дека во периодот од 2002  до 2020 година  бројот на возила во државата се зголеми за  повеќе од двојно и од 250 000 регистрирани возила,  бројката на возила се зголеми на околу 550 000 регистрирани  возила,  а бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди во 2002 година изнесувал 176 , а во 2020 – 125 загинати лица,  тогаш може да  се заклучи  дека безбедноста во патниот сообраќај бележи тренд на подобрување,  но сепак сеуште не е постигнато посакуваното ниво на безбедност на патниот сообраќај.

Во Република Северна Македонија во 2020 година,  125  лица го загубија животот во сообраќајни незгоди.  Ако се тргне од претпоставка дека Северна Македонија има 2.000.000 жители, тоа значи дека РСМ  во 2020 година, има  6.25 загинати лица во сообраќајни незгоди на 100 000 жители.

Просекот на земјите членки на Европската унија е 5 загинати лица на 100 000 жители. Притоа важно е да се напомене дека, со исклучок на скандинавските земји кои имаат по 3 загинати лица на 100 000 жители, голем дел од земјите членки на унијата имаат исто или слично ниво на безбедност на сообраќајот на патиштата како Република Северна  Македонија, а некои дури се и  понебезбедни. 

Ако како индикатор се земе бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди на 100 000 жители, со исклучок на Словенија,  која покажува повисоко ниво на безбедност на патниот сообраќај,  Република Северна Македонија покажува повисоко ниво на безбедност на патниот сообраќај во однос на сите останати земји во регионот.

 

 

Статистиката за 2020 година  покажува дека во 2020 година 125 лица загинале во сообраќајни незгоди, од кои 57 во населено место, и 68 надвор од населено место. Од загинатите, 20 се пешаци, 18 се мотоциклисти, 5 велосипедисти, 6 возачи  на трактор, итн. Според возраста на загинатите лица, најмногу- 41 лице се на возраст од 41-54 години,  3 лица на возраст до 14 години и 7 лица на возраст од 15 до 19 години, итн.

По месеци, најмногу загинати  има во август – 19 и јули – 17, а најмалку во март,  5 загинати лица во сообраќајни незгоди. Недела со 28 и Сабота со 21 жртва се најнебезбедни денови а Вторник со 13 жртви е најбезбеден ден. Најкритичен во 2020 година се покажа периодот од 13.00 до 14.00 часот , со 12 загинати лица во сообраќајни незгоди. 

Секој загубен човечки живот во сообраќајна незгода е огромна загуба за семејството и општеството,  затоа РСБСП со апел до сите учесници во сообраќајот: Уживајте во убавините на животот и не дозволувајте да бидете дел од црната статистика. Вие, односно Вашиот живот,  не е обична бројка.  Бидете внимателни и одговорни во сообраќајот и бидете позитивен пример за сите останати учесници во сообраќајот!

#ВОЗИОДГОВОРНО!