Претседателот на Собранието Џафери на Осмата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ во Анталија

Сподели

 

Претседателот на Собранието на РС Македонија Талат Џафери, во својство на шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, од денеска до 23 јуни ќе учествува на Осмата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ во Анталија, во организација на турското претседавање со Процесот 2020-2021. Во составот на Делегација се и пратениците Павле Трајанов и Хусни Исмаили.

На пленарната сесија, седници ќе одржат трите Генерални комитети и тоа економија, инфраструктура и енергија, правда, внатрешни работи и безбедносна соработка и социјален развој, образование, истражување и наука, како и Постојаниот комитет, соопшти собраниската прес-служба.

Делегацијата на Собранието на 23 јуни во Истанбул ќе оствари средба со Асаф Хаџиев, генералниот секретар на Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК). Собранието на Република Северна Македонија на 22 јуни 2021 година за време на Генералното собрание ПАБСЕК во Молдавија, ќе стане член на оваа организација, што е градење на еден нов мост на пријателство со светот, се наведува во соопштението од Собранието.

Се очекува на пленарната сесија да се усвои Завршна декларација.