На вчерашниот состанок на министрите за европски работи на ЕУ, Северна Македонија и Албанија не добија датум за започнување преговори со Европската унија.
Германија, Словачка и бројни други земји инсистирале Бугарија да го отстрани ветото за Северна Македонија кое почива врз билатерален конфликт и за кое ЕУ смета дека не му е место во ЕУ. Бугарскиот претставник, како што јави дописничката на МИА од Брисел, ги обвинил своите колеги дека не ја разбираат „длабочината“ на проблемот помеѓу Скопје и Софија и не покажал флексибилност, повикувајќи се на претстојните избори во Бугарија во јули. Иако ниту политичка влада не е гаранција дека ветото ќе се тргне. Ниту португалскиот предлог не ја премисли Софија.
И бугарското МНР вчера соопшти дека Софија го потврди својот став за европската перспектива на Република Северна Македонија на вчерашниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање заемно прифатливи решенија. Бугарскиот заменик министер за надворешни работи Румен Александров изјави дека Бугарија продолжува со консултациите со Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство и оти очекува Скопје да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија, што, вели, ќе ни овозможи да се движиме во позитивна насока.
„Португалското претседетелство стори се што може да најде можен компромис. Навистина сакавме да имаме не две туку четири меѓувладини конференции денес, но беше многу тешко. Ние го разбираме тешкиот политичкиот момент во кој живеат Бугарија и Северна Македонија. Се уште не е момент. Мора да најдеме решение со кое ќе се чувствуваат удобно сите страни. Го охрабруваме словенечкото претседателство да продолжи со напорите и да не го губи моментумот, да ја продолжи расправата и да ги искористи предлозите што се на маса. Се надевам дека ќе ги имаме тие две меѓувладини конференции што е можно побрзо, за време на идниот семестар“, рече Закаријас.