Јубилејното 20.издание на CINEDAYS почнува на 15 јули

Сподели

 

На денешната прес-конференција за јубилејното 20-то издание на CINEDAYS, на која се објави богатата програма, присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Русе Арсов, координаторот на фестивалот на европски филм CINEDAYS, Маргарита Арсова и програмскиот директор на МКЦ, Филип Николовски.

 

– Почнат како европски проект пред 20 години, од Педро Алмодовар и Вивиен Ридинг, Синедејс се одржувал во ист момент во сите европски земји, со една клучна цел да го славиме и да го развиваме европскиот филм, односно да ја развиваме љубовта кон европскиот филм. Но, тој фестивал, единствено тука, во Македонија, продолжува да живее и да се надградува цели 20 години. Горд сум што го имаме еден од најдобрите филмски фестивали, а потврда за тоа е и акредитацијата од меѓународната асоцијација FLAPF, што го сместува рамо до рамо со најзначајните фестивали. Убеден сум дека годинашните селектори на програмата ќе ги задоволат вкусовите на својата публика, која секогаш имала исклучителен сенс за добар филм – кажа Шилегов.

Тој дополни дека CINEDAYS, по повод 20-годишното постоење, годинава воведува нова програма „Cinedays загревање – Европско патувачко кино под отворено небо“, како заеднички проект на Делегацијата на ЕУ и МКЦ, а со цел да се претстават  нови европски филмови на отворено. 

 

 

– Станува збор за годишно прикажување на нови европски филмови, признати од критиката и сакани од европската публика, кое секоја година ќе патува во три различни градови. Летово почнавме со Крива Паланка, Струмица и во Струга. Европското патувачко кино под отворено небо, оваа година ќе прикаже 12 филма: 6 европски филмови продуцирани во последните години, кои ја одразуваат европската креативност и разновидност и кои нудат по нешто за сечиј вкус и 6 македонски кратки филмови, дел од нив наградувани на различни филмски фестивали во светот и добро примени од вљубениците во филмот. Секоја средба со филмовите промовирани на CINEDAYS, претставува момент на препознавање и на признавање дека, станува збор за еден филмско уметнички свет, кој е мошне привлечен и за Градот и за скопјани како публика. Како и секоја година, верувам дека и оваа ќе се бара карта плус, а публиката долго ќе зборува за она што ќе може да го види на фестивалот – нагласи Шилегов на прес-конференцијата.

 

 

Русе Арсов, директорот на МКЦ, кажа дека пандемијата со короната и се она што се случувало минатата година ги натерало да побараат формати како да продолжат да работат и да не откажуваат предвидени културни настани, односно да ги организираат настаните  на отворено и посочи дека можеби Синедејс треба да биде летен фестивал. Тој дополни дека фестивалот ќе се одржи на отворено на повеќе локации низ Скопје од 15 до 21 јули. 

Маргарита Арсова, која е 10 години дел од фестивалот и е годинешен  координатор кажа дека и годинава имаат одлична програма и дека многу и е драго што во рамките на гала програмата ќе има филмови коишто се прикажуваат на фестивалот во Кан, а ќе ги донесат на Синедејс.

 

 

Програмскиот директор на МКЦ, Филип Николовски, најави и голем број на едукативни работилници како дел од фестивалот, на кои тимови составени од млади луѓе од 15 до 20 години, ќе креираат музика за филм,  ќе се работат на тема Екологија и климатски промени, ќе креираат филм за 72 часа, како и богата музичка програма.