Прашина што содржи варовник и лапорец која се јавила како последица на дефект е причината за емисиите од цементарницата „Усје“ минатата недела, пренесува Мета.мк. Државниот инспекторат за животна средина викендов по пријава на граѓани направил итна и вонредна контрола во индустрискиот капацитет и констатирал дека заради технички проблеми, емисиите настанале во постројката за производство на клинкер.
Од таму истекол материјал од циклон во текот на интервенцијата за негово одглавување и како резултат на тоа дошло до фугитивни емисии на прашина, што содржат варовник и лапорец, суровини што се користат за производство на клинкер. Надзорот во Цементарницата, инфомираат од Инспекторатот, ќе продолжи и деновиве, заедно со инспекторатот на Градот Скопје. Од таму велат дека во индустрискиот капацитет редовно се вршат инспекциски контроли, а последната е вонредна и е резултат на големиот број пријави од граѓаните.
„Извршена е детална проверка на погоните во Титан Цементарница Усје за откривање на причините за емисиите на прашина. Цементарницата со записник беше задолжена да достави листинг од континуираниот 24 часовен мониторинг на емисии од стационарните извори, согласно А-интегрираната еколошка дозвола за периодот од 9 и 10 јули. Исто така, поради високите температури и атмосферски влијанија со ветер, Титан Цементарница Усје е задолжена секојдневно со вода од цистерни да врши прскање на внатрешната инфраструктура на цементарата и патот што води до ископот на лапорец над с. Усје“, информираат инспекторите.
Облакот прашина што викендот излезе од Усје беше регистриран од голем број граѓани и еколошки организации, кои споделија снимки и фотографии на социјалните мрежи. Екологистите од О2 Иницијатива постираа видео на кое се гледа како прашина се шири од кругот на Цементарницата кон станбените објекти во околните населби. Тие побараа објаснување од надлежните институции, но и санкција за капацитетот што го предизвикал загадувањето.
„Бараме итно објаснување за оваа летна хаварија, што викендашки им ја сервирате на скопјани. Не флоскули, не празни зборови, конкретна причина и санкција која ќе ја добие фабриката, цементарница Усје“, пишуваат од О2 Иницијатива.