Седуммина обвинети во случајот „Чекан“ осудени на вкупно 53 години 6 месеци затвор

Сподели

apsenje-chekan

Кривичниот суд во Скопје на седуммина од обвинетите во случајот „Чекан“ им одредил вкупна затворска казна од 53 години и 6 месеци, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Полициската акција „Чекан“ беше спроведена во декември минатата година, во Гостиварско, а обвинетите се товареа за кривичните дела лихварство и изнуда.

Највисоки казни, како што информираат од Обвинителството, им се изречени на Ф.А. и Ф.М. Обајцата се осудени на 11 и пол години затвор.

На обвинетиот А.М. му е изречена казна затвор од осум и пол години, на И.А. затвор од седум и пол години, Р.С. е осуден на затвор од девет години и три месеци, З.А. на две и пол години, а Ш.Б., кој како командир на полициска станица помагал на другите осомничени во вршење на кривичните дела во периодот од 2009 до 2012 година, е осуден на затворска казна од две години и девет месеци.

Едно лице, додаваат од обвинителството, со одлука на судот е ослободено од обвинение.

„Во текот на судењето беа изведени многубројни писмени и вербални докази, како и докази прибавени со посебни истражни мерки. Во судскиот процес беа сослушани повеќе од 45 сведоци предложени од обвинителството, кои во своите искази јасно и категорично ги потврдија и ги објаснија сериозните закани и употребата на сила на кои биле подложени и кои врз нив ги вршеле сега осудените. Ценам дека судот со изречените казни го утврди тоа што во обвинението го имав наведено и дека казните во целина соодветствуваат на сторените кривични дела. Осомничените се осудени на вкупно 53 години и 6 месеци години затворска казна, што за нас е правична осуда“, истакнала надлежната јавна обвинителка, Маја Конеска, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

За седуммината осудени, јавниот обвинител предложил продолжување на мерката притвор до правосилност на пресудата.

Во случајот „Чекан“, беа гонети 21 лице, од кои со тројца осомничени Обвинителството постигна спогодба за признавање на вина во текот на истрагата, а со едно лице е постигната спогодба во фаза на оценка на обвинителниот акт.

„Предметот за три лица е префрлен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Гостивар, а за петмина е донесена наредба за запирање на истрагата“, додаваат од Јавното обвинителство.