Формирање на специјално судско одделение и специјален оддел во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои би биле надлежни за процесуирање на случаи на СЈО, е предлогот кој, според засега неофицијалните информации, бил ставен на маса на разговорите меѓу претставниците на четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино.
Неофицијално, ова прашање било ставено на маса уште пред еден месец, но засега од ниту една партија нема официјална потврда дека за нив се преговара, освен што пред десетина дена СДСМ и ДУИ јавно излегоа со став дека би дале поддршка на предлогот за формирање на специјално судско одделение.
Прашањата што се наметнуваат во јавноста околу формирањето на ваквите специјални одделенија во судот и, наводно, во МВР, е како тоа законски би се извело и како тие одделенија би функционирале во рамките на постојниот правосуден систем.
За универзитетскиот професор д-р Гордан Калајџиев, ваквите решенија можеби не се најсреќни, но во конкретните услови тие може да се единствената опција СЈО да може без поголеми пречки да си ја врши својата работа.
– Би бил посреќен кога целиот правосуден систем би се поставил на здрави основи. Но, кога нема услови тоа да се направи, ова се наметнува како единствено решение – вели Калајџиев за „Мета“.
За адвокатот Звонко Давидовиќ, пак, специјално судско одделение не само што е неопходно, туку за негово формирање нема никакви законски ниту уставни пречки.
– Формирањето на специјално судско одделение кое би било надлежно за процесуирање на случаите што произлегуваат и се поврзани со незаконското прислушување не би бил вонреден суд, туку одделение во судот, како што тоа е одделнието за организиран криминал и корупција, кое ги процесуира случаите од Обвинителството за организиран криминал. Дури, во ова ново судско одделение судиите не мора да бидат именувани од Судскиот совет, туку тие можат да бидат делегирани од другите судови – вели Давидовиќ.
Според него, за вакво судско одделение да функционира, би биле потребни најмалку двајца судии на претходна постапка, еден кривичен совет од тројца суди, кој ќе одлучува по жалбите на одлуките на судијата на претходна постапка, и три судечки совети во кои би имало вкупно од 11 до 13 судии, плус девет судии поротници.
Сепак, Давидовиќ смета дека специјално судско одделение не би било доволно само во рамките на првостепениот суд, туку ваков оддел би морало да има и во Апелацискиот суд, кој би одлучувал по жалбите на првостепените одлуки и, евентуално, во Врховниот суд кој е надлежен за жалби кога има пресуди во кои е изречена казна доживотен затвор.
– Во спротивно, доколку нема вакви одделенија во повисоките судови, повторно ќе се доведеме во ситуација да се вртиме во круг. Оптималната бројка на судии што би била потребна за функционирањето на овие одделенија е околу 40 судии, што мислам дека е изводливо, ако се земе предвид дека сме држава со најголем број судии по жител – вели Давидовиќ.
Тој истакнува дека доколку се формира специјално судско одделение за случаите на СЈО, тоа во никој случај не смее да биде под ингеренции на претседателот на Основниот суд Скопје 1.
Универзитетскиот професор и активист во Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), Оливер Андонов, пак, смета дека едно специјално судско одделение и специјално одделение во МВР значат формирање на паралелен правосуден систем, што е спротивно на законите и на Уставот и би биле погубни за државата.
– Тоа е идеја на опозацијата и на одредени невладини организации, а нивно наводно формирање е чиста шпекулација и тоа би било ужасно за Македонија. Тоа би било дерогација и уништување на правосудниот систем. На што би личеле тие специјални судски одделенија и специјална полиција? Што би било тоа? Некаков партиски суд, партиска полиција? Веќе имаме едно неуставно Специјално обвинителство формирано по партиски договор и сега некој бара специјално судско одделение или полиција. Таквата идеја треба да се отфрли на почеток бидејќи тоа би значело редефинирање на државата. Тука не се работи за тоа дали е некој за СДСМ или за ВМРО-ДПМНЕ, тука во прашање е државата. Решението е да се одржат избори по кои државата би продолжила нормално да функционира – вели Андонов.