ЦИВИЛ ги повикува своите членови, поддржувачи и сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи. Крајниот рок за пријавување е 30 септември, до 17 часот.
Набрзо по селекцијата на набљудувачи, ќе се одржат и семинари за обука на набљудувачите кои ќе се одржат на почетокот на октомври.
Обуките се задолжителни за сите избрани набљудувачи, без оглед на тоа дали биле набљудувачи на ЦИВИЛ и во некој од претходните изборни циклуси. Обуките, како и самото набљудување на изборниот процес ќе се спроведат со максимално почитување на мерките за заштита од Ковид-19. Пожелно е сите набљудувачи на ЦИВИЛ да бидат вакцинирани.
На обуките ќе бидат потпишани и договорите за ангажман, како и познатата Повелба на набљудувачите на ЦИВИЛ.
Неодамна, ЦИВИЛ објави и одговори на најчесто поставуваните прашања. Изборните набљудувачи на ЦИВИЛ се мобилни, односно секој набљудувач има обврска да покрие повеќе избирачки места. Краткорочните набљудувачи се активни во текот на изборниот молк, на денот на гласањето и еден ден по гласањето.
Членови на тимови на меѓународни или домашни набљудувачки мисии, партиски функционери и активисти вклучени во изборната кампања, како и кандидати на изборите, немаат право на учество на овој повик.
ЦИВИЛ го спроведува мониторингот на изборите како дел од проектите „Европски перспективи, следно ниво“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, како и „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија од САД.