Германските левоцентристички социјалдемократи (СПД) освоија тесна победа пред владејачкиот конзервативен блок на канцеларката Ангела Меркел, ЦДУ/ЦСУ, на парламентарните избори во најголемата европска економија, пренесува РСЕ.
И СПД и ЦДУ/ЦСУ по вчерашните избори тврдат дека добиле мандат за формирање на следната влада, а првичните резултати од гласањето сугерираат долги преговори за формирање коалиција додека Меркел останува на функцијата. Со оглед на тоа што ниту една голема партија нема мнозинство, се чини дека најверојатно сценарио е владејачка коалиција од три партии со Зелените и про-бизнис партијата Слободни демократи (ФДП).
Социјалдемократите и нејзиниот кандидат за канцелар Олаф Шолц, вицеканцелар во заминување и министер за финансии добиле 25,7 проценти. Шолц рече дека резултатите се „многу јасен мандат да се обезбеди прагматична влада за Германија“. Со оглед на тоа што Меркел се пензионираше по 16 години на власт, нејзините конзервативци го доживеаа нивниот најлош национален парламентарен резултат во нивната 76-годишна историја. ЦДУ/ЦСУ се предвидува да добие само 24,1 отсто гласови. Тоа е за речиси 9 процентни поени пониско во споредба со последните избори во 2017 година.