Одбележан Светскиот ден на лицата со церебрална парализа

Сподели

 

По повод Светскиот ден на лицата со церебрална парализа денеска Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност-Македонија“ организираше работна средба на која присуствуваа Спасе Додевски, советник на претседателот на Владата и претседавач со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на Обединетите нации, за правата на лицата со попреченост и  советникот на премиерот, за труд и социјална политика Милан Живковиќ.

 

 

На средбата се разговараше за актуелната состојба, можностите и потребите на лицата со телесен инвалидитет, при што беше истакнато дека Владата сериозно пристапува и со исклучителен интензитет ќе продолжи да работи на сите процеси за остварување на правата на лицата со попреченост, со продолжување на соработката со корисниците и сојузите, со цел подобрување на животот на лицата.

 

 

Во оваа насока беше истакнато дека Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет има и свој претставник, заменик-член во состав на Националното координативно тело во Владата, кој преку непосредна комуникација е вклучен во остварувањето на напредок на правата и можностите на лицата со попреченост.

На денешната работна средба, владините претставници ја истакнаа подготвеноста на Владата, да продолжат со спроведување процеси во нашата држава, преку децентрализација и деинституционализација, почитувајќи ги основните човековите права, да спроведуваат проекти во соработка со граѓанскиот сектор, со цел обезбедување квалитетни социјални и останати услуги и грижа за сите категории граѓани.

Со одбележувањето на Денот на лицата со церебрална парализа се обезбедува и промовира подигнување на свеста за причините кои ја предизвикуваат церебралната парализа, како и раното откривање и интервенција, на овој комплексен медицински, психолошки и социјален проблем, во насока на подобрувањето на состојбата на лицата со церебрална парализа, беше заклучено на денешната средба по повод Светскиот ден на лицата со церебрална парализа.