Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во завршницата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, во изјава за медимуте порача оти e јасно дека само една членка на ЕУ – Бугарија, се противи за почетокот на преговори за зачленување на Северна Македонија во Европската Унија.
„Денеска на Самитот за Западен Балкан тука во Брдо, Словенија, имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговори за членство во Европската Унија.
За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија.
Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите.
Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век. До сега, не постои земја членка на ЕУ која има какви било забелешки за нашите реформи.
Нашиот напредок во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа, посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година.
Не е нова вест дека за нас е прифатливо, во духот на европските добрососедски односи, да ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Република Бугарија.
Ние велиме – да, можеме и мораме, двете страни, веднаш после изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега, со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања.
Но, исто така, не е нова вест, дека нашиот јасен и гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање, изјави премиерот Заев.