Институтот за развој на електронски комуникации трета година по ред, објавува краток осврт за Поглавјето 10, како и за деловите што се однесуваат на медиумските слободи, сајбер безбедноста и работењето на регулаторните тела од областа на медиумите и електронските комуникации, во однос на Извештајот од Европската комисија за напредокот на Македонија за почетокот на преговори за членство во Европската Унија.
ИНРЕКОМ смета дека и овогодинешниот извештај дава иста слика, како и минатогодишниот извештај, во однос на медиумската сфера во Македонија и дигитализацијата на македонското општество. Извештајот евидентира ограничен напредок во однос на слободата на изразувањето и ограничен напредок во однос на информатичкото општество и медиумите, со умерена подготвеност за пристапувањето во Унијата.
Оценката во извештајот е средна, а на скалило од 1 до 5, сметаме дека истата би била три, бидејќи се забележува дека се потребни повеќе напори во развојот на информатичкото општество, како и во градењето на независни регулаторни тела за аудиовизуелните медиумски услуги и за електронските комуникации. Тоа значи дека е потребно понатамошно усогласување на националното законодавство со европските регулативи и директиви, особено со ревидираната Европска директива за аудиовизуелни медиумски услуги, нешто на што се наведува веќе втора година по ред. Слободно може да се каже дека, некои од препораките и забелешките на Европската комисија се на иста линија со тие што ИНРЕКОМ ги има дадено изминатиот период на соодветните теми.