Денес од печат излезе збирката раскази „Еврејска работа“ од Миколај Гринберг, во превод од полски на македонски јазик на Лидија Танушевска од ИЛИ-ИЛИ.
Ова е книгата која имаше прекрасен прием во матичната земја, и за која Нобеловката Олга Токарчук напиша: „Овие мали проникливи прози истовремено се трогателни и вознемирувачки. Доколку дијагнозата е точна, имаме голем проблем во Полска“.
„Еврејска работа“ е дебитантско дело на Миколај Гринберг, во кое тој ги преработува приказните на полските Евреи во кратки, трогателни раскази, нудејќи панорама на еврејското искуство во современа Полска. Иако приказните се фикционализирани, секоја од нив содржи прстен на вистината. Книгата е составена од кратки монолози, во кои карактерите се Евреи, Христијани, атеисти, од сите средини и сфери на животот. Секоја од приказните е трогателна и интензивно лична, претворена во кристална проза. Во овој клучен момент за еврејскиот живот во Полска и во целиот западен свет, со будењето на старите духови на антисемитизмот кои повторно се појавуваат во јавната дебата, и каде слободата на говорот е под закана, се издвојува чистиот и разумен глас на Гринберг. Неговото дело ги разоткрива длабоките корени на системскиот антисемитизам, притоа нагласувајќи колку секојдневието станало отпорно на истиот, што не е едноставно за анализа. Книгата доби одлични критики и влезе во потесниот избор за престижната книжевна награда „Нике“ во Полска, а преводот на македонски јазик е дел од проектот „Креативна Европа“ на ЕУ.
Миколај Гринберг (1966) е фотограф, писател и обучен психолог. Неговата книжевна работа се фокусира врз усните истории на различни генерации полски Евреи во втората половина од дваесеттиот век. Објавил три збирки со „разговори“ базирани врз овие лични (и)стории: „Преживеаните од 20 век“ (2012), „Го обвинувам Аушвиц: Семејни приказни“ (2014) и „Книгата на егзодусот“ (2018).