Во рамките на првата официјална посета на Обединетите Арапски Емирати на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и Делегацијата во состав: Хусни Исмаили, претседател на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на земјите од Блискиот исток и Арапскиот залив, Дарко Каевски и Бедри Фазли, членови, беше организиран официјален пречек од страна на Н.Е. г. Сакр Ал-Гобаш, Спикер на Федералниот национален совет на Обединетите Арапски Емирати.
Н.Е. г. Сакр Ал-Гобаш срдечно го поздрави Претседателот Џафери и Делегацијата, истакнувајќи ја оваа прва историска средба како почеток на поблиски и подинамични билатерални односи. Тие се согласија дека градењето мостови меѓу граѓаните на двете држави треба да претставува императив за сите политички чинители, како надградба на стабилните политички врски и пријателските односи, сега и во иднина.
Двајцата претседатели изразија взаемни уверувања за поинтензивна соработка на ниво на сите државни институции меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, во сите домени, а особено ја потенцираа важноста од зголемена економска и трговска соработка.