Третата молитва на моето тело

Сподели

Што си: девојка, жена, мајка? Што си

ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи

телото мое, молитвено што клечи.

Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи.

Што си: девојка, жена, мајка, што си?

Што си ти застаната со спокој темен

пред ова тело чиј глас со виј го гони

ветрот што лута, под тајни небосклони,

чиј глас е жед и виј на вијот земен.

Што си ти застаната со спокој темен?

Што си: девојка, мајка, жена

ти – скаменета пред влезот на овој храм

со моќно име: ПОБЕДУВАМ,

па ова тело возвишено го крена.

Што си ти: девојка, мајка, жена?

Ацо Шопов