Почнаа консултациите за нова влада на Бугарија – Радев прво прашал за став за Северна Македонија

Сподели

 

Времето на едноличната премиерска власт заврши, порача претседателот на Бугарија, Румен Радев, почнувајќи ги претпладнево консултациите со парламентарните партии за формирање на новата влада на Бугарија, јави бугарски „Медиапул“.

„Ефикасно управување во формата на коалиција може да постои само ако има взаемно почитување меѓу партнерите. Времето на едноличната премиерска власт заврши и надежта тоа да се поврати беше категорично отфрлено од бугарските граѓани за време на изборите, рече Радев пред претставниците на „Продолжуваме со промената“ (ПП), коишто први влегоа во претседателскиот кабинет.

Како тема за која што специфично сака да чуе од коалицијата – победничка на изборите, Радев ја посочи Северна Македонија.

Лидерот на политичката коалиција, Кирил Петков кажа дека очекува бргу, веројатно „за 24 часа“ да биде познат составот на идната влада, за која што кажа дека стабилно ќе исполни цел мандат. Новиот владин мандат што би минал под раководство на ПП, ќе биде со четиримина вицепремиери и две нови министерства.

Инаку, како што пренесе БНР, Петков за Северна Македонија рекол дека не е „црвена линија во преговорите“ на коалициските партнери за нова влада.

Петков рече дека четирите партии што преговараат се блиску до согласност за владина коалиција и оти тој е сигурен дека ќе го добие мандатот.

Во новата влада би влегле ПП, „Демократска Бугарија“, „Има таков народ“(ИТН) на шоуменот Слави Трифонов и Бугарската социјалистичка партија (БСП).

Во новиот владин кабинет, 10 позиции се за ПП, 4 за БСП и ИТН и 3 за Демократска Бугарија.

Покрај ПП, денеска на консултации кај Радев се поканети и коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, ДПС и БСП за Бугарија. Утре на ред се ИТН, Демократска Бугарија и „В’зраждане“ (Препород), по што се очекува Радев да го врачи мандатот на ПП, информира Бугарското национално радио (БНР).

Парламентарните избори во Бугарија се одржаа на 14 ноември, заедно со првиот круг на претседателските избори. Во вториот круг претседателски избори, Румен Радев го победи противкандидатот Анастас Герџиков и освои втор мандат.

мета.мк