Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во прва работна посета на нашата земја.
Премиерот Заев на средбата го запозна гостинот со актуелната политичка состојба во земјата при што нагласи дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, за справувањето со пандемијата, за економскиот раст, и особено за актуелното прашање за соодветен и ефикасен одговор на енергетската криза.
Заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој на средбата беше придружуван од амбасадорката Кејт Мари Брнз, истакна дека неговата посета на земјата има за цел да ја нагласи поддршката на САД, токму за овие прашања, како и за партнерскиот пристап што Република Северна Македонија го покажува со прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за активната улога за суштинско интензивирање на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“.
На средбата беше истакната целосната поддршка на САД за изнаоѓање на заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија заради фактот што иднината на Северна Македонија е во ЕУ како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји кое што е во постојан развој.