ЗНМ: Судот ја одби тужбата за клевета на Горјан Тозија против MKD.MK

Сподели

 

Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која тужбата за клевета на тогашниот директор на агенцијата за филм Горјан Тозија против онлајн медиумот МКД.мк и главниот и одговорен уредник Александар Дамовски ја одби како неоснована.

Тужбата се однесуваше за новинарски текст објавен на МКД.мк насловен како: „Нови недоследности на директорот Тозија, ДКСК: Судир на интереси во Агенцијата за филм, рецезент на филмови одлучува за филмовите што ги рецензирала“, каде тужителот Тозија бараше паричен надомест за нематеријална штета за повреда на честа и угледот.

Основниот граѓански суд во Скопје во пресудата образложува дека тужениот медиум и новинар „спорниот текст го објавиле во вршење на новинарска професија, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата и при заштита на јавниот интерес и каде постојат оправдани интереси за таквото објавување.“

Дополнително судот наведува дека „..за носителите на јавна функција, меѓу кои е тужителот, очекувано е да биде изложен на јавна критика и мислење кои се составен дел од работата, при што носителите на јавна функција, мора да имаат највисок степен на толеранција за јавно искажани  ставови во врска со нивната работа и да трпат јавна критика и мислење за области од јавен интерес“,

Со објавениот текст се пренесувало соопштение/цитат од Државната комисија за спречување на корупција, а кое се однесуваше за работата на тужителот Тозија кој во моментот на поднесување на тужба ја извршуваше функцијата директор на Агенцијата за филм, дополнително е појаснето во пресудата.

Оваа активност е во рамки на програмата за бесплатната правна помош за членовите на ЗНМ кои се тужени за клевета и навреда, а за овој конкретен случај застапник на тужените беше адвокатот Иван Брешковски од Скопје.

За повеќе текстови на истата тема, Тозија ги тужи и дигиталниот медиум СДК.МК, главниот уредник Горан Михајловски и новинарката Билјана Нестороска. Судскиот процес против нив е во тек.