Пендаровски од Косово: Споделуваме заеднички стратешки цели на надворешна политика

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска на плоштадот „Ибрахим Ругова“ во Приштина, на официјална церемонија со државни и воени почести беше пречекан од претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу.

 

 

Во рамки на официјалната посета, претседателот Пендаровски оствари тет-а-тет средба со претседателката Османи-Садриу, беше одржан пленарен состанок на македонската и косовската делегација, по што двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција.

“Северна Македонија и Република Косово, како директни соседи природно се упатени да соработуваат меѓу себе. Овој факт е препознаен од сите политички фактори во двете држави, а, јас во текот на разговорите ја истакнав и мојата подготвеност да го интензивираме дијалогот и на највисоко политичко ниво.

 

 

Денес, со претседателката Османи имавме искрен и конструктивен дијалог. Станува збор за две пријателски земји, посветени на искористување на можностите за зајакнување на билатералната соработка во сите области. Северна Македонија и Косово се и важни трговски партнери. Неодамна се одржа првата заедничка седница на владите на двете земји, во Скопје, при што беа потпишани 11 билатерални договори. Очекувам нивната реализација да значи унапредување на економските врски и конкретна придобивка во интерес на нашите граѓани.

Во однос на надворешната политика, споделуваме заеднички стратешки цели. Северна Македонија ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и во тој контекст стоиме на располагање да ги пренесеме нашите искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО Алијансата. Членството во овие две организации значи натамошна стабилизација и просперитет за регионот.

Исклучително важна компонента на овој пат е регионалната соработка. Подготвени сме да продолжиме активно да придонесуваме со цел да имаме инфраструктурно развиен и економски просперитетен регион, и во таа смисла го поддржуваме пристапувањето на Косово кон постојните регионални иницијативи и форуми.

Се разбира, со претседателката на Косово, разговаравме и за дијалогот Приштина – Белград. Сите сме свесни дека ова е еден многу тежок и компликуван процес, но верувам дека сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко, ќе го поддржат решавањето на спорот, кој на крајот ќе значи иреверзибилна пацификација на регионот.

Дозволете ми во оваа прилика да го реафирмирам нашиот став, а тоа e дека Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави. Во таа насока, го поздравуваме и постигнатиот договор за деескалација на тензиите во северно Косово постигнат со посредство на Европската Унија.

Во овој контекст сакам да констатирам дека дијалогот е единствениот механизам преку кој по распадот на поранешна Југославија земјите од регионот успеале да постигнат напредок на многу полиња. Затоа, како држава ги поддржуваме напорите на нашите европски и американски сојузници насочени кон изнаоѓање решенија за отворените прашања.

На крајот, но не помалку важно, разговаравме и за можностите за унапредување на правата на етничките Македонци кои живеат на Косово. Со цел зближување на нашите граѓани и јакнење на прекуграничната соработка беа разгледани и можностите за отворање на нови гранични премини”, изјави претседателот Пендаровски.