Герасимовски: Чествувајќи го Конески гo чествуваме македонскиот јазик, македонското писмо и правопис

Сподели

 

Општина Центар го одбележува значајниот јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески. По овој повод, денеска градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на манифестацијата на која се чествуваше значењето и трајната вредност на поетското дело на Блаже Конески и улогата на поезијата на Конески во континуитетот на македонската поетска традиција, која претставува вечна инспирација на новите македонски поети.

 

 

“Блаже Конески е единствениот пример кој со сиот свој творечки потенцијал ја илустрира културата која со текот на времето стана и наш знак на распознавање со светот. Тој е длабоко всаден не само во традицијата, туку и во науката. Како основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, тој ja проучи и разработи суштината на македонскиот јазик и неговите закони и го насочи неговиот развој во модерен литературен јазик. Затоа и неговото творештво е цврсто втемелено во нашата национална традиција и вредности. Затоа денеска, слободно може да го споредиме Конески со светските врвни лингвисти и врвните светски поети и прозаисти. Неговите дела и денеска се инспирација за нови достигнувања во творештвото и македонската поетска традиција. И на мое големо задоволство денеска може да ги слушнеме литературните творби на учениците кои се воделе од мислата и делото на самиот Конески“, изјави Герасимовски на чествувањето на 100 годишнината од раѓањето на Конески.

На манифестацијата беа прочитани и дел од најдобрите песни напишани од учениците инспирирани од делото на Конески, како резултат на онлајн поетските работилници на кои учествуваа дваесетина талентирани ученици од сите основни училишта во општината. За нивната заложба и продолжување на инспиративната нишка поттикната од Конески,  Герасимовски им додели пригодни подароци.

 

 

На церемонијата со музичка изведба се претстави и оркестарот на Детскиот културен центар Карпош со вокалистката Софија Кочовска, кои настапија со изведба на песната „Засвирел Стојан“, и инструментална изведба на Бувчанско оро и Копачка. 

 

 

Чествувањето на 100 годишнината од раѓањето на Конески демонстрира дека идните македонски поетеси и поети, црпејќи длабоко од корените на македонската поезија и македонската народна песна, успеваат да создадат поезија со нов израз и со тоа придонесуваат кон континуитетот и развојот на македонската литература и култура.