Во Собранието денеска е констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, со аплауз на пратениците од опозициските партии.
Со усвојувањето на неговата оставка, во оставка е и целиот состав на Владата на РСМ. Притоа, постојниот владин состав технички ќе ги извршува функциите до изборот на новиот владин состав, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Во согласност со легислативата, по констатирањето на оставката на премиерот Зоран Заев, Собранието треба официјално да го извести претседателот Стево Пендаровски за оставката. Во рок од десет дена, партијата или партиите што го имаат мнозинството во парламентот ќе треба да го известат Пендаровски за името на новиот мандатар, по што Претседателот ќе треба да предаде мандатот за составување на новата влада.
Рокот што го има претседателот Пендаровски истекува на почетокот на јануари, а од СДСМ веќе информираа дека нов мандатар за формирање на владата ќе биде Димитар Ковачевски. Штом го добие мандатот од претседателот, Ковачевски ќе има рок од 20 дена во којшто треба да го оформи списокот со министри и да го достави во парламентот, заедно со програма за работа.
Откако до Собранието ќе биде доставен предлогот за состав на Владата и програмата за работа, пратениците ќе имаат рок од 15 дена за да ја одржат собраниската седница, на која што расправата за составот за нова влада ќе може да трае максимум два дена.
Очекувањата се новата влада да се формира до крајот на јануари 2022 година, но составот на новата влада засега не е целосно познат. За разлика од министрите коишто ги предложија ДУИ и Алтернатива, како и помалите коалициони партнери на социјалдемократите, во моментов не се познати имињата на кандидатите за министри на СДСМ.