Илиевски: Не размислуваме за поскапување на превозот, бараме помош од Владата

Сподели

 

„Не размислуваме за покачување на цената на билетите за јавен превоз, а засега не планираме ни редукција на возниот ред. Бараме Владата да ја субвенционира разликата на цената на метанот или да ја замрзне на нивото на таа од декември, односно да застане во заштита на ЈСП Скопје, како компанија од јавен интерес и најголем корисник на метанот“, истакна на денешната средба со новинарите, в.д. директорот на ЈСП Скопје, Иван Илиевски, по последното покачување на цената на метанот за речиси 130 отсто.

 

 

На метан возат 33 нови автобуси на МАН, дел од возниот парк на претпријатието. За нив, на годишно ниво, горивото чинеше околу 1 милион евра, со новата цена ќе требаат нешто повеќе од 2 милиона евра.

Помош од Владата, истакна Илиевски, е единствена опција како ЈСП Скопје во случајов би ги надминало дополнителните енормни трошоци, а имајќи во предвид дека 33 возила го користат гасот како погонско гориво. За Илиевски, еколошкиот момент е побитен од економскиот, па од тие причини не планира да ги „паркира“ еко возилата.

„Овој ценовен шок дополнително ќе има негативно влијание за и онака нашата лоша финансиска состојба, па од тие причини, автоматски сме принудени да размислуваме какви мерки да преземеме, а тие да не се одразат лошо на квалитетот на јавниот превоз, односно на услугите кои ЈСП Скопје ги нуди на скопјани. Затоа и бараме помош од централната власт. Ќе го следиме развојот на настаните и во зависност од исходот ќе делуваме. Крајна опција, во случај да не ја добиеме бараната помош е редуцирање на возниот ред. Во меѓувреме, можеби ќе побараме и дополнителни наменски субвенции од Град Скопје, односно од Советот кои и досега имаа разбирање за нашата состојба и бескрајно сум им благодарен за целата соработка и поддршка“, додаде Илиевски, кој истакна голема благодарност и до вработените во претпријатието.

Имено, за кратко време, благодарение на стручниот кадар, од „наследени“ 230 возила во возна состојба, сега технички исправни за сообраќај се 267 автобуси.

Во моментов, ЈСП Скопје има долг од 240 милиони денари кон добавувачи, но, истовремено „крати“ на непродуктивни трошоци, со единствена цел, претпријатието финансиски да се стабилизира. Илиевски прогнозира дека за 6 месеци, под услов да се продолжи со домаќинско и продуктивно работење, ЈСП Скопје ќе ги надмине загубите.