Европски престолнини на културата за 2022 година се српскиот град Нови Сад, литванскиот град Каунас и градот Еш во Луксембург.
Богатата програма на културни настани најпрво ќе започне во Нови Сад на 13 јануари, со програмата Дочек 7530. Постанувањето на европска престолнина на културата ќе биде одбележано со мултимедијалната претстава „Зенитеум:: 2022“ на режисерот Драган Живадинов на еден од главните новосадски булевари.
За време на свеченото отворање, на 13 јануари ќе се одржат изложби, концерти и перформанси на повеќе од 40 различни локации во Нови Сад. Воедно, во текот на наредните месеци престолнината на Војводина ќе прими над 400 уметници од Србија и Европа, кои низ бројни културно-уметнички настани ќе го промовираат наследството на научниците Никола Тесла, Милева Мариќ Ајнштајн и Милутин Миланковиќ.
Покрај Нови Сад, на 22 јануари свечено отворање на програмата во рамките на Европска престолнина на културата е закажано и во литванскиот град Каунас. Церемонијата на отворањето во Еш во Луксембург ќе се одржи на 26 февруари и е насловена „Ремикс“.
Во Нови Сад, програмата „Дочек“ започна со реализација на 31 декември минатата година и ќе трае до 16 јануари годинава. Од 1 февруари до 20 март е предвидено да се реализира програмата „Миграции“, од 20 март до 15 мај „Иднината на Европа“, додека програмата „Хероини“ е предвидена за периодот од 16 мај до 12 јуни.
Програмата „Тврдина на мирот“ ќе се одржи од 17 јуни до 17 јули, додека настаните од програмата „Дунавското море“ се планирани за периодот од 22 јули до 21 август. Програмата „Калеидоскоп на културата“ е предвидена за периодот 1 септември до 7 октомври, додека „Поинаква? Европа“ пред европската јавност ќе се претстави со настаните од 8 октомври до 27 ноември.
Во рамките на сите овие програми, во Нови Сад се закажани стотици различни културно-уметнички активности, влезниците за дел од настаните веќе се пуштени во продажба за сите заинтересирани млади и постари љубители на уметноста.