Малата Амбла и големата порака која таа ја носи – Иван Дургутов

Сподели

 

Малата по години, но големата по душа Амбла, уште еднаш ни докажа дека како општество потфрламе тогаш кога треба најмногу да се покажеме, пишува Иван Дургутов за Рес публика.

Иван Дургутов

Симболично подадената претседателска рака, колку и да претставува еднократен чин, сепак означува гест кој алудира и води кон пораката која ќе биде моќна само ако сите заедно ја испратиме – големо „да“ за вистинска инклузија. Убавината на животот е во разноликоста, а на генерациите кои доаѓаат, морално должни сме, минимум, да им овозможиме живот во околина која ќе ги уважува разликите кои по било кој основ постојат помеѓу нас како сограѓани.

Ако човековите права и постапувањето кон маргинализираните граѓани претставуваат тест за цивилизацискиот дострел на една заедница, малата по години, но големата по душа Амбла, уште еднаш ни докажа дека како општество потфрламе тогаш кога треба најмногу да се покажеме. Разногласието помеѓу локалната самоуправа од една страна и невладините организации и директно погодените, родителите на девојчето, од друга страна, уште повеќе покажуваат дека како колективитет не умееме да изградиме консензуален став ниту за вредносните прашања кои се најранливи за некои од нашите сожители.

Неславен почеток на учебната година

Почетокот на второто полугодие од тековната 2021/22 година за учениците и наставниот кадар, освен неговото одложување за десет дена поради пикот на омикрон бранот на коронавирусот, кај нас го означивме и со една крајно немила случка. Тоа е денот кој сепак за миг успеа да нè направи свесни дека македонското општество „боледува“ и од многу други нешта, освен од вирусната зараза која веќе трета година вирее на домашно тло, ама и во светот. Токму во градот Гостивар, кој меѓу другото претставува и средина во која е присутен и јазичниот диверзитет, каде ќе слушнете македонски, албански, турски, па и друг јазик, сведочевме за еден разочарувачки настан, преку кој на неславен начин дознавме за девојчето со име Амбла.

Тоа е девојчето со Даунов синдром кое самото, но и нејзините родители, веќе извесен период ги чувствуваат на своја кожа стереотипите на населението на овие простори. Но, не само тоа, тие на своите плеќи веќе долго време ја носат и неподготвеноста на надлежните – ресорното министерство, просветните инспектори, службениците задолжени за развој на образованието, општинските сектори за образование, директорите на училиштата, на дело да го спроведат она за кое толку многу декларативно се залагаат и да овозможат здрава и прифатлива средина за раст и развој на сите деца.

Иронијата да биде уште поголема, настанот зема простор и се случува во рамки на основното образование. Она кое е првата фаза на образование и училишна возраст за кои сите образовни стручњаци велат дека е пиларот на изградбата на знаењата, но и системот на вредности на индивидуите. Македонските осмолетки веќе одамна станаа деветолетки, преку нив чувме за Кембриџ програмата која и не била баш од Кембриџ, последно слушнавме дебата околу спротиставените ставови за печатените наспроти дигиталните учебници, но она за кое премалку слушаме и читаме е кои вредносни ставови, која матрица на размислување и колку отворен ум им се нуди на нашите основци.

Како да заборавивме дека школите се воспитно – образовни установи, а не само образовни и во нив покрај голата теорија, учениците треба да се стекнат и со животни вештини и начин на размислување кој ќе ги направи толерантни, дружељубиви и отворени кон луѓето кои по било која карактеристика се разликуваат од нив.

Време е за вистински училишта на 21. век

Амбла, за жал, испишува нова тажна приказна во однос на тоа колку како заедница сме подготвени да соработуваме со поинаквите од нас, првенствено во рамки на училиштата. Ученичката и нејзиниот третман во гостиварското училиште, најпластично ги покажаа и извадија на виделина сите недостатоци кои нашиот образовен систем континуирано и непрестано продолжува да ги продуцира.

 

Malata Ambla i golemata poraka koja taa ja nosiИзвор: pretsedatel.mk

 

Времето во кое живееме на многу јасен начин исцртува траекторија во која теоретските знаења брзо се надминуваат и застаруваат, а практичните, меките и социјалните вештини добиваат многу повеќе на цена и прераснуваат во приоритет. Истовремено, додека ние како општество речиси имаме хиперинфлација на магистри и доктори на науки, бележиме пораст на процентуалното учество на високообразованите луѓе во општата структура на населението, евидентно потфрламе на основните тестови на кои неформално треба да положиме. Тоа се тестовите вон школските клупи кои се полагаат во име на човечноста, солидарноста, вклученоста на останатите. На тоа поле, македонските граѓани и власти, заедно, никако да престанат да „каскаат“ зад современиот свет и да се вклучат во модерните текови.

Воедно, на другата страна од светот, на пример, сите универзитети кои се тркаат за високо котирање на престижните листи, максимално се трудат да вклучат диверзитет во најширок спектар, лица со типичен и атипичен развој, со вакво и такво географско потекло, со еден или друг социјален статус. Сосема спротивно, петицијата и перипетиите околу, освен што покажуваат паушално толкување на здравствени состојби и погрешно поставени приоритети во рамки на родителството, кажуваат и како сите ние размислуваме и говориме околу атипичните лица. Онаму каде најмногу треба да се бориме за промени, односно во образованието, деновиве таму видовме слика која ни малку не изгледа на пристоен формат на училиште кое се стреми да биде училиште на новиот век.

Институциите остануваат тивки без притисокот на јавноста

Животот на лицата со атипичен развој е специфично соочен со безброј предизвици. Неодамнешниот случај со малата Амбла покажува и едно друга алармантна состојба, за која честопати и сме несвесни. Тоа е чувството дека за да ја сензибилизирате јавноста и државата, за да ја добиете нивната поддршка која и без тоа треба да ви биде дадена (иако впрочем се вели дека институциите треба најдобро да функционираат кога граѓаните и не знаат за тоа), ние во македонскиот контекст едноставно сме осудени на „екранизација“ на нашето секојдневие.

Имено, за да постигнат задоволување и на некои најосновни нивни човекови права какво што несомнено е правото на образование, во земја каде основното, па дури и средното образование се задолжителни согласно законот, тие нужно треба да го проследат својот живот со медиумите. Треба да ѝ дозволат на пошироката јавност да им ѕирне во интимата, па дури тогаш надлежните институции да излезат од своите комфорни канцелариски простори и да видат колку декларирана инклузија од страна на државата, всушност е (не)функционална на терен и вон комфорната зона на убавите конференциски и пленарни сали.

Ситуацијата од почетокот на овој месец, повторно јасно ги исцрта сите системски аномалии и силно алармира дека можеби ја користиме и преостанатата шанса да ги преиспитаме улогите на институциите, родителите, учителите и раководителите на училиштата во образовниот процес. Овие последните, како први во редот меѓу еднаквите, време е и да ја разберат и понесат својата објективна одговорност за ваквите трауми кои недолжните деца ги доживуваат.

Дали ќе продолжи секое чудо да трае три дена?

Детектираните нуспојави во едукацијата на македонските младинци кои се видливи и од многу други агли, без разлика дали тоа биле постојано ниските рејтинзи на домашните универзитети или потпросечните резултати на македонските ученици според ПИСА тестирањата, ја потврдуваат тезата дека многу од досегашните реформи во наставата повеќе биле деформи во истата. Овие промени едноставно не успеале во својата цел и реално не нè доближиле поблиску до она кон кое мораме забрзано да итаме – систем на едукација соодветен за векот во кој живееме и работиме. Иако, да не заборавиме дека инклузијата во македонското образование е почната пред повеќе од 20 години, резултатите од неа изостануваат.

Едно училиште очигледно и не заслужува да се нарекува ОУ „Единство-Башкими“, кога на дело покажува како неединството и незаедништвото изгледаат. Реакциите на некои од надлежните институции, макар што тие како по добропознатиот обичај доаѓаат постфестум, сепак се добредојдени, вклучувајќи ги гласовите кои дојдоа од Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Кабинетот на претседателот на државата. Да се потсетиме, улогата на оној кој милуваме да го нарекуваме татко на нацијата лежи токму во тоа, дејствување за обединување на граѓанството, премостување на постојните разлики и живеење едни со други, наместо едни покрај други.

Луѓето со развој и психофизичка состојба или физиономија различна од нашите не се помалку вредни. Многу од нив се наши колеги денес на работните места, дел од нив биле наши колеги во школските и факултетските клупи во минатото, а наше е колку сме успеале да подадеме рака кон нив. Вкоренетите предрасуди, стереотипи и митови биле мачна борба за секое прогресивно општество, но истите не претставуваат невозможна мисија ако кај повиканите институции, но и кај и обичниот човек постои решителност за подобро запознавање на навидум различните и отворање на сопствените умови.

Верувањето дека умот е како падобран и најдобро работи кога е широко отворен, води кон тоа дека е редно време, конечно, секој од нас, најмалку во својот микро свет да почне да промовира вклученост, наместо исклученост, да почнеме постепено да прераснуваме во вистински љубители и почитувачи на разноликоста. На крајот од денот, да признаеме и да прифатиме дека поединците со попреченост, поединците со атипичен развој, не заслужуваат да бидат изолирани и бојкотирани, затоа што впрочем, тие и не бараат ништо повеќе од она што се бара во секоја пристојна држава – можност за еднакви прилики за старт и третман.