Постигнатиот договор е поволен зошто е излез од политичката криза и обезбедува чекори за исполнување два услова – прочистување на избирачкиот список и минимум регулација на медиумите, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев во Струмица.
– Со овие две фази очекуваме избалансирано известување на медиумите, очекуваме почитување на професионалните стандарди, етичките кодекси, а не ширење омраза од страна на медиумите во Република Македонија, со конечна цел – да дадат подобро изразување на слободната волја на граѓаните. Истовремено, процесот што треба да го заврши ДИК во наредните 30-тина дена, а на крајот ќе го констатираме ние лидерите на четирите партии, треба да го предочи конечниот избирачки список за наредните парламентарни избори. Тоа е веќе нешто ново, нешто фер, целосно се отстранува можноста да се злоупотребат евентуално гласачи во избирачкиот процес, а тоа дополнително ја гарантира слободно изразената волја на граѓаните – вели Заев.
Заев додава дека СДСМ за време на целиот период се обидува да стави крај на историската голгота и на застрашувачката деструкција на виталните државни и национални интереси од страна на Никола Груевски и на неколкумина околу него.
Лидерот на СДСМ вели дека наскоро во Македонија ќе се случат слободни и демократски избори на кои граѓаните ќе го покажат патот по којшто ќе се движи државата.
Извор:http://meta.mk/zaev-postignatiot-dogovor-e-izlez-od-politichkata-kriza/