Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на твитер напиша дека земјава уште еднаш ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Силно го осудуваме признавањето од страна на Русија на украинските области Доњецк и Луганск како независни. Ваквите акти претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Северна Македонија уште еднаш ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, наведува Османи, по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на т.н. Доњецка народна република и Луганска народна република во Украина.
Министерот Османи утрово имаше телефонски разговор со Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.
“Дискутиравме за актуелната ситуација во и околу Украина и важноста од почитување на меѓународното право и неповредливоста на границите. Како дел од ОБСЕ триото претседавачи, Северна Македoнија е подготвена да придонесе за деескалација на ситуацијата и за дипломатски напори за мирно изнаоѓање на решение”, изјави министерот Османи.