Владата ќе ги одржи редовната 34-та и една тематска седница

Сподели

 

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 34-та седница на која ќе разгледува повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На седницата, со почеток во 12:30 часот, меѓу другото, ќе бидат разгледани програмите за изменување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година и на Програмата за спроведување на интервентниот фонд во земјоделството, на предлог на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На дневен ред за разгледување е и Предлог-закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС).

Пред редовната, со почеток во 12:00 часот, закажана е тематската 33-та седница на Владата, на која ќе се разгледува Информацијата за почеток на програмирање на Акциската програма за 2023 година во рамките на ИПА 3, инструмент за претпристапна помош.