“Се обидувам да го спакувам минатото во најскапоценото ковчеџе на место кое што само јас ќе го знам и да го оживувам само во посебни моменти во сегашноста. Се почесто се соочувам дека во одредени ситуации сум истото дете од некогаш и тоа не ме зачудува…напротив, ме оживува и потсетува која сум…
Посакувам да бидам тоа дете секогаш во миговите кога треба да направам дистинкција на она што не допира и она кое само провејува покрај нас ко олуја и не изместува повремено, или пак, не прави појаки заради себе, но и заради оние на кои треба да им помогнеме. Ми се чини дека тоа не се само сеќавања, туку како одново да го живеам тоа време…најверојатно за да го запаметам она што сум го живеела, доживувала или преживувала ко дете….можеби затоа што децата мислат дека можат сè…искрени се и бестрашни, веруваат во сопствената моќ и го добиваат токму тоа што го сакаат, бидејќи не размислуваат за сè како за тоталитет, не мислат ниту на себе, ниту на другите, ниту на причините.
Научив дека вистинската мудрост се состои во почитта кон едноставните нешта што ги правиме, налик на децата…и затоа тие можат да нè одведат онаму каде што мораме да одиме…за да се соочиме со сите битиа во нас. Но, природата е таа која ни дава одговор на многу прашања…бидејќи и таа е менлива и променлива во зависност од тоа поради што се менува или кој ја менува….А што и кој не менува нас??? Најверојатно, само она што нè допира на начин како кога бевме деца и сe доживувавме како да сме во вртлогот на светот. А, само низ вртлогот можеме да се искачиме таму каде што треба да бидеме, затоа што тоа е патот кој нè учи да гледаме на сите страни за да се фокусираме на најзначајното – она што сме го научиле на патот…патот кон едноставноста на животот…за да останеме достојни на себе и оние кои оставиле трага, неизбришлива трага на кодот кој го создаваме непрекидно уште како деца..”
Соња Р. Јовановски