Агенцијата за национална безбедност со интернет страница за информирање на јавноста

Сподели

Новата „тајна служба“, Агенцијата за национална безбедност, ќе има интернет страница на која ќе ја информира јавноста, предвидува предлог-законот за ова владино тело кој е во собраниска процедура.

Агенцијата за национална безбедност, самостојна владина агенција, треба да ја замени досегашната Управа за безбедност и контраразузнавање, која е дел од МВР, во рамки на реформата на разузнавачко безбедносниот систем.

Врвот на МВР, сепак,  нагласува дека со одвојување на контраразузнавањето, антитероризмот  и заштитата на уставниот поредок во посебно тело и со укинување на полициските овластувања на контраразузнавачите се укинува и „тајната полиција“.

Новиот закон има и куса, посебна глава за транспарентноста на работењето на Агенцијата.

Членот 64, „Информирање и комуникација со јавноста“, предвидува дека Агенцијата ќе има своја интернет страница, на која ќе објави „релевантни прописи од значење за работата, организациската структура на Агенцијата, годишен извештај за работа“. На сајтот Агенцијата ќе објавува и анкети и брошури од делокругот на својата работа и јавни огласи за вработување.

– Агенцијата може и непосредно да ја информира односно извести јавноста за одредени безбедносни појави и случаи – стои во ставот 2 на тој член.

Начинот на кој Агенцијата ќе ја информира и ќе комуницира со јавноста, предвидува законот, ќе биде уреден со подзаконски пропис.