Акција на ДИЖС за откривање загадувачи на канали за наводнување во Кочани

Сподели

 

По пријавување за загадување на водите во Кочанско, спроведен е надзор на посочените локации на западниот и источниот дел на градот.
 
Во западната зона немаше основ за постапување на инспектор бидејќи белата течност што била забележана покрај патот потекнува од излевање на шахта на колекторот поради обилните дождови.
 
 
 
 
Дезинформација е дека индустријата во овој дел на градот врши загадување на каналите за наводнување, бидејќи инсталациите, вклучувајќи ги преработката на млеко и текстил кои може да ги обојуваат отпадните води, се приклучени на колекторот и понатаму се пречистуваат во пречистителната станица, соопштуваат од Државниот инспекторат за животна средина.
 
Преполнувањето и излевањето на шахтата може да се избегне со изведување на сепаратна атмосферска мрежа, што општината планира да го реализира.
 
 
 
 
Надзорот во источната индустриска зона опфати девет правни лица, од кои само една инсталација (за производство на метални конструкции) е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, а останатите осум (стоваришта, конфекција, вулканизер, производство на запчаници и прехранбена индустрија) се во надлежност на овластен инспектор за животна средина. Пет инсталации се задолжени од овластениот инспектор во законскиот рок од 90 дена да изработат и добијат одобрување на Елаборат за заштита на животната средина, бидејќи истите досега работеле без никакви еколошки стандарди. Во спротивно, ќе бидат соодветно санкционирани.
 
Од оваа зона во отворен канал без пречистување се испуштаат отпадните води од Пејпар Мил (надлежност на државен инспектор), едно стовариште со сопствено автомеханичарско одржување на возен парк и конфекција (и двете во надлежност на локален инспектор). Останатите субјекти немаат отпадни води. Отворениот канал преминува во канал за наводнување во состав на Водостопанство Брегалница – подрачна единица Кочани. На делницата до м.в. Слатина водите од каналот се видно загадени, а потоа се разблажени со мешање на вода од Оризарска Река.
 
 
 
 
Неодамна Инспекторатот зема мостри од отпадната вода на Пејпар Мил што ги испитуваше акредитирана лабораторија. Не беа утврдени отстапувања во однос на граничните вредности од А интегрираната еколошка дозвола за биолошка потрошувачка на кислород, хемиска потрошувачна на кислород, амонијак и вкупен фосфор. Заради тоа не се исполнети условите за затворање на инсталацијата. Меѓутоа, во рамките на претходен надзор инсталацијата е задолжена да ги исчисти лагуните за поефикасно таложење на целулозните влакна од технолошките отпадни води, како преодно решение до пуштањето на пречистителната станица во функција, соопштуваат од ДИЖС.