Градот Скопје и Општина Центар имаат надлежности за евентуални отстранувања на спомениците од проектот Скопје 2014, но тоа отстранување треба да биде прецизно изведено согласно законот и процедурите, истакна денеска министертот за култура Роберт Алаѓозовски одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието на РМ и додаде дека сепак се испитува квалитетот на бетонот и арматурата за да се види дали може безбедно да се дислоцираат.
– Многу е битно ова отстранување да биде законски за да не се соочиме со ситуација таа процедура да биде оспорена од страна на авторите, иницијаторите или донаторите за да не се генерира дополнителна штета врз буџетот на РМ. Одлуката за што понатаму не смее да биде дополнителен товар на буџетот на граѓаните и не смее да дозволиме нови непродуктивни трошоци или финансиски тешкотии, имајќи ги во предвид и економската состојба во која се наоѓаме – истакна Алаѓозовски.
Според него, покренувањето на сценариото за отстранување на спомениците ги доведува во прашање и безбедносните аспекти и можноста на таква интервенција.
– Во ситуација кога цел град се гуши во прекумерно загадување, не би било паметно, особено што ќе се ослободат штетни честички -рече министерот.
Одговарајќи на второто прашање Алаѓозовски рече дека утврдиле дека за споменикот за Ќосето надлежни се општините Центар и Град Скопје кои доколку донесат решенија за отстранување тоа би требало да се спроведе на советите на општините.
– Секоја идна позитивна акција од градот Скопје или општинатата Центар треба да ја земе во предвид и забелешката на СЈО која вели дека евентуалното отстранување да се направи на таков начин што нема да претставува оштетување, затоа што споменикот на Ќосето меѓу другото претставува материјален доказ во евентуална постапка за утврдување на кривична одговорност – истакна министерот Алаѓозовски.
Информираше и дека штом ќе имаат доволно докази за криминал дека ќе поднесат и тужби за лоцирање на индивидуалната одговорност за одредени функционери или институции, кои сториле и одобрувале злоупотреба на службената должност зад, како што рече, параванот на наводен патриотизам и национализам.
Во однос на прашањето за ревитализација на старото градско јадро во Скопје со меѓународен конкурс, Алаѓозовски одговори дека тоа е единствена мерка во делот за култура во програмата „Живот за Македонија“ која ја одложиле и не ја направиле во првите шест месеци.
– Препорака на работната група за „Скопје 2014“ е пред да распише меѓународен конкурс, мора да се утврди колкав е обемот, што ќе биде судбината на дел од објектите, и откако ќе биде постапено по нив во рамки на остатотокот од тој проект ќе може да се распише конкурсот – истакна министерот.
Алаѓозовски кажа дека со Град Скопје размислуваат во 2024 или 2027 да го кандидираат Скопје за европска престолнина на културата и тоа би било голема рамка за ревитализација на центарот на Скопје.
– Ако Скопје 2014 беше антипроект на претходна власт, тогаш со Скопје – европска престолнина на културата може да го надминеме тоа негативно наследство – рече Алаѓзозовски.