Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусијата под наслов „Жени лидери“ којашто ја отвори претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) во Љубљана, Словенија. „За економски развој не е доволен само економскиот раст. Потребно е да се расте паметно, одржливо и инклузивно. Човековиот капитал, како од аспект на неговиот квантитет, така и од аспект на неговиот квалитет, е клучен за остварувањето на овие цели. Поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст, којшто може да е повисок и до 30% во економиите во развој, имајќи го предвид вклучувањето дополнителна работна сила на пазарот на труд. Исто така, според истражувањата во оваа сфера, за тоа придонесуваат и посебните карактеристики и вештини со кои вообичаено располагаат жените како работнички, како повисоката одбивност кон ризик, прагматичноста, емпатијата и др.“ Ова се дел од пораките од учеството на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска на собирот од високо ниво. Настанот е во рамките на проектот „Ние водиме“, поддржан од ЕУ, којшто е наменет за поддршка на млади професионалци во регионот на Западен Балкан. На панел-дискусијата учествуваа и министерката за стандарди и услуги на Албанија, извршната директорката на Центарот за европски политики во Србија и директорката на ЦЕФ.
Во своето излагање, гувернерката посочи дека родовата нееднаквост сѐ уште претставува еден од клучните глобални предизвици, којшто по пандемијата стана уште поизразен. Притоа истакна: „ Во глобални рамки пандемијата доведе до укинување на 54 милиони работни места пополнети од жени, со што се намали стапката на учество на жените во работната сила на 47% и се зголеми јазот во однос на мажите, чија стапка на учество во работната сила е 70%. Во македонската економија учеството на жените во работната сила е околу 40%, додека оние жени кои се активни се помалку застапени на раководните позиции и се платени помалку од мажите за 20%.“ Гувернерката нагласи дека сепак постојат и добри примери во нашето општество, како Народната банка, каде што 71% од раководните позиции во институцијата се пополнети од жени.
„Заради побрза конвергенција кон ЕУ, и покрај тековните предизвици, потребно е да не се оддалечуваме од решавањето на структурните прашања, применувајќи реформи со кои ќе се подобри нашиот потенцијал за раст и коишто ќе нѐ приближат кон европското семејство“, посочи Ангеловска-Бежоска. За тоа ни е неопходна и поголема вклученост на жените во општеството којашто може да се постигне преку холистички пристап на креаторите на политиките.