Антикорупциска утврди злоупотреба на буџетски средства за финансирање на ДУИ

Сподели

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила постоење на основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фоднови во финансирањето на ДУИ и за тоа писмено го известила Основното јавно обвинителство Скопје заради понатамошно постапување соопшти Транспаренси Интернешнл – Македонија.

„По анализа на Годишниот извештај за членарини до донации за 2016 година, Транспаренси Интернешнл – Македонија забележа дека на листата како донатори се јавуваат и претпријатијата АД „Македонска пошта“, АД „Аеродроми на Македонија“ и ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и Законот за финансирање на политичките партии. Поради тоа на 10.05.2017 година се обративме до Државната комисија за спречување на корупцијата, како надлежна за постапување во вакви случаи“, стои во соопштението на Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Денеска, велат оттаму, добиле одговор од ДКСК дека од разгледувањето и анализа на добиените податоци и прибраните известувања од посочените претпријатија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија утврдиле дека сомневањата од претставката се основани.

„Од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупцијата кои забрануваат користење на буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање на изборна активност, односно друга политичка активност. Документацијата од која произлегуваат овие сомневања Државната комисија за спречување на корупцијата ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации“, се додава во соопштението.

Од Транспаренси Интернешнл велат оти се задоволни од постапувањето на ДКСК во врска со овој случај.

„Финансирањето на политичките партии, иако се актуелизира само за време на избори, континуирано останува сериозен проблем на корупција, а подготвува и широк терен за многу други коруптивни дејствија. Поради тоа ги повикуваме институциите уште пожестоко да се зафатат со сузбивање на незаконитите активности во финансирањето на политичките партии и со тоа да придонесат во обезбедување на владеење на правото“, порачуваат од невладината организација.