Апсолутната безбедност е илузија – Весна Попоска

Сподели

 

Четири вистини за потеклото и природата на хибридните закани, пишува Весна Попоска за Республика.

Весна Попоска

Терминот хибридна закана се однесува на различен тип на активности кои се стратешки планирани и координирано спроведени под покритие од државни или недржавни актери, како тактика за остварување на влијание со цел да се изврши промена или да се нанесе штета.

Притоа, „жртва“ може да биде секој поединец или институција со моќ за донесување одлуки на локално, регионално, државно или институционално ниво. Таквите акции се намерно насочени кон секоја сфера која е потенцијално ранлива, или претставува потенцијално поле за злоупотреба на граѓанските права и слободи.

Вистина прва: Хибридните закани се реалност

Хибридните закани и хибридното војување се веројатно најексплоатираниот медиумски израз во изминатиот период, пред се во контекст на лажните дојави за бомби.

Но, и покрај „бомбардирањето“ со информации за дојавите за бомби и општата политичка експертиза, на површина не испливаа информации за подлабокото значење и суштина.

Сепак, голем дел од она што се третира како „хибридна закана“ воопшто не е новост – туку стратегија и тактика применета на нов начин, или како што Клаузевиц потенцираше пред два века: војната има променлива природа, но траен карактер. Хибридните закани во секој даден контекст добиваат нова форма и димензија, особено заради зголемената дигитализација и завсисноста од интернет услугите.

Вистина втора: Хибридните закани не се новост

Во најтесна смисла, под хибридни закани се подразбира различен сплет на невоени активности преку кои се остваруваат стратешки цели. Тие се противтежа на конвенционалните закани, односно, на заканата со употреба на воена сила.

Најчесто носители се државите, но некогаш доаѓаат и од недржавни актери – различни терористички групи, криминални здруженија, па и хактивисти. Во поширок контекст, под поимот хибридни закани, денес се подразбираат мултимодални, нискоинтензитетни, кинетички, како и некинетички закани кои вклучуваат разни тактики: сајбер-војна, асиметрични конфликтни сценарија, глобален тероризам, пиратство, транснационален организиран криминал.

Признати во Концептот на бистратешка команда на НАТО 2010 година, хибридните закани се дефинирани како „оние што ги поставуваат непријателите, со способност истовремено да користат адаптивни конвенционални и неконвенционални средства во остварувањето на своите цели“. Терминот „хибридни закани“ се употребува како „чадор“ со кој се покрива широк спектар на појавни облици на безбедносни закани кои може да доаѓаат било од државни било од недржавни актери, а постои тешкотија за докажување на атрибуција и одговорност.

Практично, хибридните закани се најразлични операции за влијание преку кои, под привидот на демократијата и либералниот простор, различни малигни актери (најчесто, но не исклучиво странски) постигнуваат стратешка цел во своја полза.

Секогаш се насочени кон постигнување на стратешки цели, и се синхронизирани, односно во овој случај, неволјата никогаш не доаѓа сама, бидејќи се работи за синхронизирани дејствија кои може да имаат специфична цел, како што е на пример, промена на влада во определена земја, или општа цел на креирање на паника помеѓу населението.

Вистина трета: Рускиот дел од приказната е најголем

Официјално, оваа теорија се лансираше преку таканаречената „Доктрина на Герасимов” и се однесува, пред се, на операции за остварување на влијание преку информациски, културни, хуманитарни, дипломатски и економски активности. Тука спаѓаат лажните вести кои влијаат на креирањето на јавното мислење, па во тој контекст и лажните дојави за бомби кои имаат за цел да влеат страв и недоверба.

Извор: pixabay.com

Доктрината на Герасимов повеќе се употребува како западна кованица, но произлегува од еден текст на генералот на руската армија, Валери Герасимов, објавен токму во периодот кога пред десетина години руско-украинските односи беа прилично затегнати, по што следеше анектирањето на Крим.

Секако, неправедно би било целиот товар на хибридното војување да се припише исклучиво на генералот Герасимов, бидејќи оваа доктрина има свoј историски развој и во руската надворешна политика, и во развојот на разузнавачките служби.

Многумина ја сметаат за надградена верзија на доктрината „Примаков“ именувана по поранешниот министер за надворешни работи и премиер Евгениј Примаков, кој тврди дека униполарен свет во кој доминираат САД е неприфатлив за Русија и ги нуди следните принципи за руската надворешна политика:

  • Русија треба да се стреми кон мултиполарен свет што може да биде противтежа на едностраната моќ на САД.
  • Русија треба да инсистира на својот примат во постсоветскиот простор и да ја води интеграцијата во тој регион.
  • Русија треба да се спротивстави на проширувањето на НАТО.

Во последните десетина години се создаде впечаток дека заканата од Русија е исклучиво базирана на меката моќ која би се остварила преку хибридните закани, но војната со Украина покажа дека за жал, тоа не е единствената опасност што доаѓала од исток – обемот и опсегот на операциите на руската хибридна војна се проширија со растот и подобрувањето на руските капацитети за таканаречената „тврда моќ“, односно, вооружувањето и употребата на сила.

Руско – грузиската војна

Русија има долга историја на пропагандни и дезинформациски операции класифицирани според нивните ефекти: информатичко-технички и информациско-психолошки. Голема пресвртница за овие напори се појави во 2008 година кога проруските сајбер напади се случија истовремено со руските воени операции во Грузија.

Двете страни се натпреваруваа да го контролираат протокот на информации кон меѓународната заедница. Од денешна перспектива, стручната јавност е прилично согласна дека Грузија ја добила информациската војна преку сопствена агресивна кампања со употреба на дезинформации и медиумска манипулација, што е прилично опасен преседан во однос на идејата за демократија, слобода, и либерални вредности.

Настрана од бојното поле, еклатантен пример на операциите за остварување на влијание во демократските процеси, се изборите во САД и Франција.

Вистина четвртa: Никој уште не ги победил, но никој не се откажал

Ниедна земја не е имуна ниту може да каже дека успешно се справила со хибридните закани бидејќи и тие самите еволуираат, а апсолутната безбедност е илузија. Дури и самата НАТО алијанса е цел на континуирани закани од ваков карактер, а благодарение на фалсификувано писмо на генералниот секеретар Столтенберг до литванскиот министер за одбрана, компромитирано беше спроведувањето на сериозна воена вежба со мултинационални сили.

Апсолутно е дегутантно и политички неодговорно да се пласираат тези за успешноста на справувањето со ваквите закани, со цел добивање на политички поени, особено што една од целите на дејствувањето со ваквите закани е промена на влади кои се прозападно ориентирани, а географски се дел од регион за кој руските наративи искажуваат желба за остварување на влијание.

Во заедничко комунике од април 2016 година, Европскиот парламент и Советот на Европа ги адресираат хибридните закани како приоритет од врвна важност, а еден од првите чекори, покрај идентификацијата на ризиците и ранливоста, е и заштитата на критичната инфраструктура.

Токму затоа, позитивен исчекор е Предлог законот за критична инфраструктура кој е во процедура, како прв чекор во организираното справување со хибридни закани. Одговорот на прашањето како да се победат хибридните закани е комплексен и неисцрпен, но секако вклучува градење на отпорност, медиумска писменост, професионалност во безбедносните служби и креирање на механизми за градење на доверба кон институциите.