Бабовски: Поради грешки на операторите во маркетите може да се најдат производи со истечен рок

Сподели

“Јадеме безбедна и квалитетна храна. Се што е во промет и инспекциски контролирано, е апсолутно сигурно” – истакна на денешната прес конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, која се одржа по повод одбележувањето на 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. 

Тој информира дека во првите пет месеци годинава, спроведени се повеќе од 22 илјади инспекциски контроли при што  како небезбедни се уништени 18,6 тони храна од животинско и од неживотинско потекло. Според директорот, инспекторите, совесно ја вршат работата, а сите мерки во однос на безбедноста на храната што важат во ЕУ, се применуваат и кај нас.

– Се случува некои од земјите во ЕУ да ни вратат извезена храна и во вакви случаи грешката е најчесто во примарното производство, на нива, каде што се употребуваат одредени пестициди. Граѓаните при купување на кој било производ добро да се информираат што стои на декларациите, порача тој, а посебно да внимаваат на начинот на чување и складирање, како и на рокот на употреба.

– Често поради одредени грешки на економските оператори може да се најде на рафтовите во маркетите производ со истечен рок. Нашите инспектори на ова посветуваат посебно внимание, напомена Бабовски.

До Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на годинава поднесени се 79 иницијативи од граѓани за вршење инспекциски надзор, од кои 32 за безбедноста на храната. Граѓаните се пожалиле на купување храна со поминат рок на употреба, храна подготвена и послужена во нехигиенски услови, несоодветно означена и неозначена храна, сомнежи за труење со храна, како и други претставки кои се однесуваат на квалитетот на прехранбените производи. По поднесените и основани претставки постапуваат инспекциските служби на АХВ.

Агенцијата за храна и ветеринарство го одбележа 7 јуни- Светски ден на безбедна храна

-Повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од несоодветна, неквалитетна или небезбедна храна, повеќе од 420 илјади  лица умираат секоја година од небезбедна храна, или, еден од 10 се разболуваат од контаминирана храна. Храната е воедно причинител и на преку 200 болести кај луѓето – додаде тој.

Со оглед дека наредната недела најавен е топлотен бран, истакна Бабовски,  во одредени региони температурите ќе се искачат и до 39 степени, тој апелира граѓаните да бидат внимателни и на крајот од набавката да ги купуваат леснорасипливите производи, а потоа и веднаш да ги складираат на температура не повисока од пет степени.

– Заедно и одговорно треба да се грижиме за своето здравје, порача Бабовски.