„Балкански барометар 2017“: Сиромаштијата и корупцијата и понатаму најголеми проблеми

Сподели

Незадоволството на жителите во регионот на Југоисточна Европа е сè уште над просекот, но полека се намалува, а невработеноста, сиромаштијата и корупцијата и понатаму се меѓу главните проблеми.

Ова се дел од заклучоците претставени во истражувањето „Балкански барометар 2017“, што се извршува по нарачка на Регионалниот совет за соработка (РCC) на повеќе од 8.000 испитаници во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и во Турција.

Истражувањето беше презентирано денеска во Брисел, во присуство на претставници од РCC, високи претставници од Европската комисија, експерти и невладини организации.

Како најголем проблем и понатаму се гледа невработеноста, а околу 50 отсто од испитаниците би живееле и би работеле во странство, но надвор од Балканот.

На прашањето колку сте задоволни со тоа како се одвиваат работите во вашето општество, во просек, 58 отсто од жителите на Балканот се незадоволни, а само 14 отсто се задоволни. Во Македонија, според истиот извор, 49 отсто се или целосно или делумно незадоволни, 34 отсто се индиферентни по тоа прашање, а 14 отсто се делумно или целосно задоволни.

Но, на прашањето за финансиската состојба, дури 82 отсто од домаќинствата во регионот се соочиле со проблем да не можат да си дозволат храна, облека или други основни потреби, при што најсиромашни се Косово, Македонија и Босна и Херцеговина. Во Македонија дури 90 отсто од испитаниците признале дека се соочиле со проблемот на сиромаштијата.

Како главно прашање за загриженост е и владеењето, а во тие рамки како најголем проблем се перципира корупцијата.
Перцепцијата за корупција е најголема во БИХ, додека најмали индекси бележат Црна Гора, Косово и Македонија.

На Балканот најмногу поткуп се плаќа во здравството. Во просек, 12 проценти од жителите на Балканот платиле поткуп во здравството, додека во Македонија 9 отсто. По здравството, најмногу поткуп им се плаќа на полицијата и на судството, а Македонија се истакнува по плаќање поткуп и за образование и за добивање разни други услуги од институциите.

Притоа, масовна е недовербата во борбата против корупцијата, бидејќи високи 73 проценти од испитаниците сметаат дека нивните влади не се борат ефикасно.

Во барометарот се направени и споредби за разликите во погледите помеѓу бизнис-заедницата и јавното мислење на граѓаните, бидејќи паралелно беше објавен и барометар за мислењето на приватниот бизнис-сектор. Притоа, бизнис-заедницата е многу поголем оптимист од граѓаните во поглед на прогрес на земјите од регионот во наредните 12 месеци, при што дури 43 проценти веруваат во тоа, додека меѓу испитаните граѓани само 25 отсто имаат позитивен став во поглед на ова прашање.

Тоа се однесува и на зачленувањето во ЕУ. Околу 57 проценти од бизнисмените сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“, додека кај граѓаните тој процент е само 42 отсто.

Регионалниот совет за соработка во ЈИЕ е оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, чиј основач и член е и Република Македонија. „Балкански барометар“ се објавува редовно во последните неколку години и се смета за алатка за остварување на Стратегијата 2020.