Безбедносна контрола за оние што патуваат без визи во ЕУ

Сподели

aerodrom

БРИСЕЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) се подготвува да воведе безбедносна контрола, која ќе се плаќа по пет евра од патник, за оние што доаѓаат од државите со безвизен режим, јавува Anadolu Agency (AA).

Европската комисија објави предлог-регулатива во врска со безбедносната контрола пред патувањата на граѓаните кои доаѓаат од државите со безвизен режим.

Граѓаните на државите со безвизен режим ќе треба да платат по пет евра пред патувањето во ЕУ, со што ќе поминат низ безбедносната контрола.

Посетителите на ЕУ ќе можат да се регистрираат преку интернет во Европскиот систем за информации за патување и авторизација (ЕТИАС). Во овој систем тие ќе треба да ги внесат податоците како: лични податоци, податоци за патувањето, живеалиште, податоци за комуникација, здравствена состојба, информации за неосудуваност или осудуваност, држава на престој, дали претходно биле депортирани од некоја од државите на ЕУ и слични податоци. Според внесените податоци, системот ќе утврди дали постои безбедносен ризик.

Оние за кои ќе се утврди дека нема проблем да патуваат во државите на ЕУ, ќе добијат потврда за тоа, која ќе треба да ја покажат на границите на ЕУ.

Дозволата ќе биде со важност од 5 години и ќе може да се користи повеќепати.

Се очекува системот да биде отворен до 2020 година, а ќе чини 212 милиони евра.

Моментално, граѓаните од државите што имаат безвизен режим, патуваат во Шенген зоната само со пасош.

За да биде правосилна оваа предлог-регулатива, ќе треба да ја потврдат Европскиот Парламент и членките на ЕУ.