Билен Саљији: Увидот на електронската распределба на предмети во судовите ќе стане пракса

Сподели

Министерот за правда Билен Саљији денеска изјави дека увидот на електронската распределба на предмети во судовите ќе стане пракса.

– Увидот во АКМИС системот отсега па натаму ќе биде перманентен согласно ингеренциите на министерот за правда во сите судови во државата – рече Саљији одговарајќи на новинарско прашање во Француската амбасада по презентацијата на Извештајот за соработката меѓу Академијата за судии и француската ЕНМ.
Работната група при Министерството за правда, како што рече, спроведе контрола во работењето на АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1, а во текот на идната недела ќе се спроведе увид и во работењето на системот и во Апелацискиот суд Скопје. Првиот дел од увидот во АКМИС системот, како што додаде, ќе заврши со Врховниот суд.

– Кога ќе го имам сублимираниот извештај на Работната група од увидот во трите суда целосно ќе го објавиме пред јавноста – рече министерот за правда.