Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вели дека не гледа причина за поскапување на електричната енергија за домаќинствата иако цената на светските берзи се зголеми на 140 до 150 евра за мегават час и порачува дека актуелната цена ќе остане најмалку до крајот на декември.
– Засега не гледам причини за корекции на цената на електричната енергија и нема причина да се прави каква било паника. Граѓаните треба да бидат мирни затоа што АД ЕСМ го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини на електрична енергија за Универзалниот снабдувач, по цена од 36 евра за мегават час, изјави Бислимоски.
За зголемувањето на цената на електричната енергија на светските берзи смета дека е инцидентно и оти е резултат на повеќе фактори, меѓу кои и шпекулации кои влијаат и на домашниот пазар.
-Цените на берзите се зголемуваат на слободниот пазар, но во принцип никаде во Европа нема зголемување на трошоците на производство така што ова пред се е шпекулативно направено. Станува збор за инцидентна ситуација, вели Бислимоски.