CDC со нова студија која ја нагласува ефикасноста на вакцините против Ковид-19

Сподели

 

Центарот за превенција и контрола на болести на САД(CDC) во петокот (10.09.2021г.) објави нова студија, која јасно ја нагласува ефикасноста на вакцините против Ковид-19 против сериозни болести или смрт.
 
Оваа студија е спроведена во период од повеќе од три месеци, испитувајќи ги хоспитализациите и смртните случаи од вирусот Ковид-19 и заклучоците од истата покажуваат дека дури 10 пати е поголема веројатноста невакцинираните луѓе да бидат хоспитализирани, односно 11 пати е поголема веројатноста дека ќе имаат смртен исход од болеста. Според анализите во раното издание на студијата за состојбата со пандемијата, земајќи го во предвид четвртиот епидемиолошки бран и значајното проширување на новата делта варијанта во САД, хоспитализацијата и смртта од болеста доживуваат пад во текот на целиот период.
 
Центарот за превенција и контрола на болести на САД(CDC) во својот неделен извештај кој се однесува на морталитетот и морбидитетот укажува на стапките на инциденца, поврзани со ефективноста на вакцините. Инциденцата на инфекција со САРС-КоВ-2, хоспитализација и смрт е повисока кај невакцинираните отколку вакцинираните лица, и според Центарот за превенција и контрола на болести на САД(CDC) вакцинирањето штити од тешки заболувања од Ковид 19, вклучувајќи го и делта сојот на вирусот. Следењето на инциденцата на Ковид-19 според статусот на вакцинација може да обезбеди рани сигнали за потенцијални промени во ефективноста на вакцината, што може да се потврди преку цврсти контролирани студии.