ЧИЈА Е МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Кој се бореше против фашизмот? Од каде дојде македонската слобода? Оттука и: чија е македонската држава?

Александар Литовски

Иако, се чини дека прашањата се „непотребни“ и дека одговорите се општопознати, сепак, треба, наново, да се постават и одговорат. Треба, оти настапи време кога лагите станаа вистини, кога фашизмот и бесниот антикомунизам се доминантни, кога бесрамно се манипулира со фактографијата кој се бореше и кој крвавеше во борбата против фашизмот. Време во кое се „заборава“, намерно, кој ја создаде македонската национална држава. Дури, време во кое малоумно, невистинито и целосно антимакедонски, некои наши десничари, неофашисти, бугаромани и лудаци сета антифашистичка борба ја оценуваат и осудуваат како штетна за македонскиот народ. И, тоа го прават, бесрамно, со истата реторика и „аргументација“ што ја употребуваат идеолошките наследници на бугарскиот и албанскиот фашизам во соседството. Уште побесмислено, со моќта и пропагандата која им ја дава партиската структура, нашиве национални нихилисти дури и отворено го негираат создавањето на слободната македонска држава со АСНОМ и тоа, идиотски, го поместуваат во деведесет и првата. Таквата „антимакедонска идеологија“ не само што е на линија на остварување на соседските големодржавни интереси, туку е цинично самонегирање и самопонижување, кое, ако продолжи, сосема сигурно сите ќе не отера во провалија од која нема враќање.

Кај нас, ревизионизмот во историографијата, доби такви размери што историската вистина се чини дека е целосно мртва. Наместо тоа имаме „рекла-казала“ антикомунистички историографски четива (при што базичен извор за „стручна“ анализа на нашиве бедни и бесни антикомунисти им се некои големосрпски и усташко-хрватски новинари од жолтиот печат!), имаме арбитрарни политички одлуки за тоа што е „историски факт“, а што мора да се премолчи, имаме историска „вистина“ која одговара и е во служба на партиските интереси. Историографската (само)цензура последниве години е нешто вообичаено во македонската држава. Единствено нецензурирани, финансирани и гласни се антимакедонското и антикомунистичкото ломотење. Поинаку кажано, историографијата е сè помалку наука, а сè повеќе антикомунистичка и антимакедонска пропаганда. Или, дури, споменична карикатура во центарот на главниот град. А, понекогаш и вербална бижутерија на политичко-дипломатските говори и преговори. За жал.  

Значи, да ги потсетиме нашиве стари и нови ревизионисти, но и поширокото граѓанство: Македонија, како држава, не беше, а фашизмот, навистина, беше. И немаше да биде победен да не се појавеше организираната антифашистичка борба, која стана материјална воено-политичка сила која ги опфати широките маси на слободољубиви луѓе низ цел свет. Кај нас во Македонија, згора на тоа, таа антифашистичка борба ги опфати оние национално македонски свесни луѓе, кои неа ја трансформираа во националноослободителна војна од која произлезе првата македонска национална држава во историјата. Тоа е таков грандиозен факт вграден во македонската опстојба, што единствено може да биде поништен и уништен ако го снема последниот вистински Македонец.

Затоа, за нашите македонски антифашисти треба да се глаголи. Многу пламено, многу често. За оние наши борци кои го развиле во себеси коефициентот на силната волја за да ги преживеат сите неволји кои произлегуваа од борбата со надмоќните сурови окупатори. Треба, многу треба, да се пишува за оние наши македонски смели партизани, кои кај нас, сè уште, се недоволно опишани, недоволно истражени, честопати целосно, неоправдано и неразбирливо, заборавени. Треба вехементно да се зборува за оние наши голобради момчиња и девојки со црвени петокраки на капите што поверуваа дека волјата за слобода и правда на единката, може поттикнувачки да дејствува врз волјата на мноштвото и да генерира, да распали победоносна антифашистичка и националноослободителна борба. Тие наши луѓе престанаа да мислат според граѓанските правила и заблуди, религиозните шеми, егоистичките предрасуди, или според „вистините“ на соседните големодржавни пропаганди, и наместо само на себе, започнаа да размислуваат, да зборуваат и со пушка во раце да се борат, не само за извојување на македонски национални права, туку и за поубав и посправедлив свет. Тие наши големи луѓе почнаа да се движат по окупираната земја како предвесници на едно време во кое Македонецот ќе биде Македонец, а не Србин, Грк или Бугарин. А, човекот ќе биде Човек кој не сака и никому не му робува.

Сега, во ова наше антихумано криминално време, оние кои сакаат да ја бараат и соопштат антифашистичката и македонската вистина, не смеат сами себе да се обесхрабрат и да замолчат. Тие, секогаш треба да објаснуваат и потсетуваат кој, навистина, се бореше против германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашизам и нивните окупаторски воено-полициски единици. Тие стално треба да соопштат дека македонската национална држава е создадена од македонските партизански борци. Тоа е должност која произлегува од страдањата и крвта на антифашистички борци, на сите оние кои паднаа како жртви на фашизмот. И, тоа е најголемиот влог во – слободната македонска иднина! И на крајот, од сето ова произлегува и одговорот на насловното прашање: Таа е на македонските антифашистички првоборци, на сите оние неимари кои со децении ги граделе нејзините институции и на сите лојални македонски граѓани. Оттаму, никој нема право да тргува со нејзините витални интереси!