”Грешиме ако француското блокирање на одлуката за преговори го третираме како инстант потреба на Макрони, само за внатрешна употреба. Таквото вето веќе не спаѓа во доменот на политиката (било тоа и внатрешна), ниту на елементарната логика, тука на своевиден личен авантуризам. Ниеден параметар не го оправдува тоа, освен желбата да станете Бог, а не заслужувате да сте човек. Оттука, не треба да се залажуваме дека наредниве месеци ќе има некаков брзоплетен излез во полза на преговорите. Ветото на Макрон е прилично разочарувачка и доаѓа во тешко време, не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за регионот како целина, вклучително и за Србија. Макрон бара прво „продлабочување“ потоа „проширување“, работа која за секого е јасно дека може да потрае многу, многу години, а црни облаци веќе кружат над Балканот. Тука и капка омраза може да отруе море од разум. Макрон скоро директно вели – без оглед на вашите скапи вложувања во кредибилитет, Франција не ве сака во Унијата! Јасно кажа – членството не треба да биде единствената опција за западниот Балкан! Појасно – здравје, освен ако сте вложиле повеќе во стомак отколку во глава.
Тука се бескорисни утешните изјави од Јункер за „големата историска грешка“ и дека тоа ќе било привремено. Или на Туск дека „се чувствува посрамен“. Или утехата на Џузепе Конте, дека пак ќе предложи преговорите за членство на овие две држави да се „рестартираат“. Во право е само Соломон Паси кој вели дека „Путин веројатно отворил флаша шампањ“ кога слушнал за одлуката. А од небото се гледа дека ако не се преземе нешто, во регионот видно ќе растат силите кои заземаат поинаков поглед за овдешните ориентации и приоритети. Од ЕУ имаме само убаво тапкање по раменици, а се помалку искреност. А кога сето тоа ќе се помеша со влијанието на криминалот во регионот, тогаш ќе добиеме хорор слика која од далечина ќе наликува на Макрон. Во Србија веќе „привремено“ ги имаме софистицираниот руски ракетен систем „С-400“ и „Панцир“, а и хеликоптерите Ми-35 и Ми-17. Јасно како ден е дека едни големи сили сакаат конфликт во регионот за да ги постигнат некои нивни важни цели, во некој постконфликтен пазар. Тоа неофицијално ни го кажа Мичел, а официјално Помпео.
Не се во право тие кои сметат дека опасност за Балканот нема. оти НАТО е многу присутна, сега и со Црна Гора и Северна Македонија. Блиското минато не учи дека доволно е во регионот да појавува некој нов Милошевиќ и сѐ да отиде по ѓаволите. А тоа при вакво европско понижување и игнорирање воопшто не е тешко. Факт е дека хибридните закани се сѐ поприсутни и тие ќе опстојат како такви, но овој пат се чини дека ако не се преземе нешто со помош на нашите пријатели, кристаломантијата не ни предвидува убава иднина.
СЕПАК, ИМА ИЗЛЕЗ
Не мислам дека е добро да продолжиме да се понижуваме молејќи за милост за старт на преговорите за полноправното членство во ЕУ. Тоа видно ќе ни ги ослаби позициите кои можеме да ги користиме за нешто многу покорисно. Ако инсистираме на тоа, веројатно за да се сочува образот на Макрон, ќе следи новата методологија за преговори која може да не оддалечи најмалку две до три години од одлуката за датумот за преговорите, плус десетина години преговори по новата методологија, а времето ќе не гази. Тука Мицкоски, наместо секоја загуба на државата да ја доживува како негов успех, треба длабоко да се извини за историските глупости на својот претходник Груевски, кој со својот фалс патриотизам и провокации кон Грција, пропушти да станеме полноправна членка во 2012 година, и тоа со референцата ПЈРМ. Тогаш имавме рамноправна позиција со Хрватска, a загубивме цели 20 златни години поради тој сегашен фејсбук-патриот!
Сега имаме две опции кои дури може да се соединуваат во една заедничка корисна комплементарна опција. Првата е западнобалканскиот заеднички пазар на сите шест земји (пазар од 20 милиони луѓе). Второто е уште поатрактивно, ако се комбинира со првото. Тоа е предполитичката интеграција на државите од западен Балкан во Европската економска зона – ЕЕА (European Economic Area). Тоа е скоро како полноправна членка во ЕУ пазарот по сите важни параметри, освен што не се учествува во органите и политичките институции на ЕУ. Таков статус сега имаат Норвешка и Исланд. Норвешка, чие население два пати со референдум го има одбиено членството вo EУ, сепак перфектно функционира во заедничкиот пазар.
Спогодбата за четирите слободи (луѓе, капитал, стоки, услуги), кој би бил склучен меѓу државите од западен Балкан, а и со ЕУ како целина, може видно да ја забрза динамиката на економскиот развој и зајакнувањето на конкурентските капацитети на овдешните компании. Би се отвориле многу нови работни места и видно би зајакнал животниот стандард. Во јавноста веќе проструи идеја за привилегирано партнерство, а германскиот експерт Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност, нуди малку поинаква опција која би и дала предност на економското интегрирање. Привилегираното партнерство од балканските држави би направил држави од втора категорија во клубот на ЕУ, додека членството во ЕЕА како заедничка економска зона, рамноправно би ги третирала овдешните земји како економски партнери. Државите селективно би добиле и помош од ЕУ во зависност од квалитетот на реформите што би ги правеле. Тука би се вклучиле и субвенциите, заштитата на потрошувачите, животната средина, статистиката итн.
Со тоа, овдешните реформи би добиле на динамика, без условувања и уцени, а по стабилизирањето на состојбите во самата Унија овдешните држави би можеле да ги започнат преговорите кои многу пократко би траеле, оти државите од регионот видно ќе напредувале во секоја област и тивко би се приближувале до стандардите на ЕУ. Тогаш преговорите би биле чиста формалност. Но, тука е важно првин овдешните држави да се координираат меѓу себе и да не се занесуваат дека се многу понапред со преговорите. Судејќи по Макрон, Црногорците треба долги години да преспијат за да го сонуваат вистинскиот европски сон. Треба многу да се работи, оти кај нас операцијата делење е многу поизразена од операцијата множење”.
МЕРСЕЛ БИЉАЛИ
Превземено од:Цивил