Историски погледнато, делчевизмот е онаа револуционерна идеја во Македонија која поучуваше и практицираше самостојна и темелно подготвена ослободителна борба на македонскиот народ против отоманското господство.
Тоа е онаа идеја во ослободителното движење која се застапуваше како цел на борбата де се постави извојувањето на одделна македонска држава, без можност таа да биде присоединета кон некоја од соседните држави. Не напразно и не случајно Гоце велел: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание, кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себе си и другите“. Тоа е тогашната идеологија на македонскиот политички сепаратизам! Наспроти ваквата гоцеделчевска цел, стоеше врховистичката цел Македонија да се ослободи од отоманската власт и да се присоедини кон Бугарија. Кај врховистите дури и државноста на Македонија беше сфаќана и барана како преодна етапа кон присоединувањето кон Бугарија, односно кон остварување на големобугарската санстефанска националистичка проекција. Токму оваа разлика, денес, десничарско-ревизионистичките историографи настојуваат целосно да ја избришат и отстранат од видокругот на македонската јавност. А, таа круцијална разлика не само што е непобитен историски факт, туку е клучен национален македонски репер во оценувањето на историските настани и личности, во читањето на македонската историја и дури, ако сакате, во градењето на македонската иднина.
Значи, бидејќи токму овие денови се навршува и одбележува сто педесет и една година од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, добро е да се нотира дека делчевизмот е еднаков на македонизмот. Тие се синоними! И двата поими ја означуваат и содржат македонската национална идеологија! Токму затоа, делчевизмот сфатен како чиста македонска национална идеологија, како заложба за самостојна борба за слобода, како антиврховизам, денес многумина, од бугаромански позиции, настојуваат да го уништат! Дури, тоа се прави од позиција на наводен „македонски патриотизам“, а од луѓе кои, до скоро, ги величаа Сарафов, Матов, Тодор Александров, Ванчо Михајлов, Дрангов и останатата врховистичка булумента од македонското минато. Впрочем, изминативе десеттина-дваесет години сите јасно можевме да видиме кои, и како поединци и како политички субјекти, на македонската јавна сцена го маргинализираше делчевизмот со антиквизација, со тодоралександровизација, со ванчомихајловизација, со хиперпродукција на лажен патриотизам…
Сето ова е предупредување дека ако успее да ни се „продаде“ бугароманството, да ни се нормализира антимакедонскиот историографски ревизионизам, да ни се наметне една десничарско-авторитарна матрица на мислење, тогаш е реална опасноста – делчевизмот и македонизмот да бидат оцрнети и фрлени на буништето на историјата! А тоа е, фактички, опасноста да нè денационализираат како посебен идентитет и да нè девастираат како македонска држава.
Делчевите предупредувања дека треба да се вардиме од опасностите содржани во врховизмот не само што не се поразени со некаква обратна аргументација, туку, сè чини, добија поголема тежина, поголемо значење, поголема веродостојност во светлината на бугарската агресивна антимакедонска политика и во светлина на повеќегодишниот внатрешен бугаромански неоврховизам, кој, денес, се „продава“ како „културни клубови“, или како потреба од „препрочитана историја“, или како наводна „одбрана на Македонија“, од луѓе кои само ги бранат криминално стекнатите профити под превезот на самопрогласениот „патриотски“ ангажман.
Од една страна, гоцеделчевските предупредувања за опасноста од врховизмот, на многумина, им се чинат како некаква историска оставштина која е ирелевантна во актуелните мигови. Од друга страна, тие предупредувања за опасноста од врховизмот, се ирелевантни за голем дел од македонската ревизионистичка историографија, која со сите сили се труди да го релативизира врховизмот и неговите носители во македонското ослободително дело, па зборува за „конзервативни сили во МРО“, за наводно „сите се бореа за независна Македонија“ и за слични историски невистини кои имаат за цел да се оправда македонското национално одродништво и слугувањето на бугарските државни и национални интереси. Всушност, тоа е она што треба навистина да не загрижи. И, заради тоа, во ова наше, жално и антимакедонско време, нужно е јавно да се праша: Кој ја бугаризира македонската историја преку идејно-национално плагијаторство од бугарската историографија? Кој ја бугаризира македонската национална свест? Кој нè бугаризира како народ? Кој ја бугаризира македонската иднина? Преземаат ли нешто македонската држава, нејзините безбедносни и дипломатски институции, некаква акција за да го спречат дејствувањето на, веќе јасно видливата и агресивна, големобугарска агентура?
Какви и да се одговорите на овие прашања, едно е сигурно: македонскиот народ и македонската историја сите носители на инородни идеологии, кога-тогаш, ќе ги отфрлат и постават на ѕидот на срамот. А, во овој контекст, добро е да се знае дека има теоретска рамка која вели дека никогаш не било единствено пресудно што некој прави, оти направеното бргу се заборава. По таа теорија, неопходно е направеното да се запише и да се меморира. Така зборовите за некои дела се оние што се најзначајни, оти само така делата остануваат запаметени и не се забораваат никогаш. И токму затоа, делчевизмот нема да биде уништен сè додека се зборува за Гоце Делчев, за неговата вистинска антиврховистичка идејна определба и практична акција. За неговите соидејници, соборци и продолжувачи на неговата борба против врховистите и бугарските посегања по македонската територија и македонскиот народ.
Во рамките на ваквата теоретска, херменевтичка поставеност на нештата, убеден сум дека Гоце Делчев повторно ќе биде возвеличен во симбол на самостојната македонска борба за слобода. Наспроти бугаромнските врховисти од типот на Сарафов, Александров и Ванчо Михајлов. Оти, nota bene, сосема точни се зборовите на Ферид Мухиќ, кој во една пригода („Редот на зборовите“) запиша дека „никој не станува ‚голем човек‘ поинаку освен низ мерката на селектирани епитети; една ‚славна личност‘ во која и да е сфера од социјалниот живот, само е сума на пофални атрибути изречени за него.“ А, за Гоце, за Јане, за Карев, за Мисирков, за Кузман…, допрва ќе има пофални мисли и зборови во македонската иднина! И тогаш, во таквата „чиста“ македонска иднина, повторно Гоце ќе го има своето заслужено место на македонскиот пантеон, а делчевизмот повторно ќе биде светилник за движењето на македонскиот брод кон иднината.