Денеска нов обид за почеток на судењето за случајот „Пуч“

Сподели

zaev-puc

Денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да се одржи рочиште од судскиот процес за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски. Тие се товарат за шпионажа, неовластено прислушување и за насилство врз претставници на највисоките државни органи.

Случајот „Пуч“ е еден од првите што Специјалното јавно обвинителство ги презеде во своја надлежност, но рочиштата со кои и официјално требаше да почне судењето досега повеќепати беа одложувани.

Претходното рочиште требаше да се одржи на 16 септември, но беше одложено бидејќи не беше присутен еден од судиите-поротници.

На ова реагираше специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која изјави дека судот неоправдано го одложил рочиштето, спротивно на Законот за кривична постапка, а следното го закажал дури еден и пол месец подоцна.

Јанева реагираше и на тоа што судот не го повикал единствениот сведок во случајот (Никола Груевски, н.з.), што за неа е неприфатливо.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, рече дека одложувањето на рочиштето на 16 септември е доказ за погазување на правдата од страна на судот „поради некои забегани политики“.

meta.mk