Денеска, во рамки на 105. седница на Собранието, пратениците ќе расправаат по предлогот на опозицијата за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов.
Минатиот понеделник, комисијата за оценување на основаноста на предлогот за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија со шест гласа „за“ и со четири гласа „против“ оцени дека предлогот за импичмент е неоснован. За ваквиот заклучок гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а против беа членовите од СДСМ и од ДУИ.
Според опозицијата, Иванов со актите за помилување ги прекршил Законот за помилување и Уставот на Република Македонија, додека за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, барањето за импичмент е целосно неиздржано и не се темели на правни аргументи, туку е неуспешен обид да се удри по највисоката институција, Претседател на Република Македонија.
Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување одговорноста на претседателот, треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија.
Денеска пратениците на пленарна седница ќе расправаат за импичментот на Иванов