Денеска се навршуваат 112 години од раѓањето на Мајка Тереза (Агнеса Гонџа Бојаџиу). Таа е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица “Поп Кочина” број 14, која што се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија.
Мајка Тереза, родена како Гонџа Бојаџиу, е една од најголемите хуманистки на 20 век.
Родена во Скопје, во албанско католичко семејство, уште од мала знаела дека сака животот да го посвети помагајќи на најсиромашните. За таа цел, на 18 годишна возраст, го напушта Скопје и заминува за Даблин, Ирска каде што се приклучува на Сестрите од Лорето и станува калуѓерка. Таму, официјално, го менува своето име од Гонџа во сестра Тереза. Од таму заминува за Индија, каде го поминува остатокот од животот.
Во 1950 година формира свој ред на мисионерки – Мисионерки на милосрдие. Заштитен знак на мисионерките станува белото индиско сари со сини ленти.
За својата хуманитарна работа, Мајка Тереза, има добиено повеќе од 700 награди, а најпозната е Нобеловата награда за мир. Починува на 5 септември 1997 година и е погребана во Калкута, Индија. Во 2003 година официјално беше прогласена за блажена, а во 2016 за Света Тереза од Калкута.